Реакција на СПМ за посетата на Венизелос во Македонија

По повод посетата на Евангелос Венизелос на нашата држава и резултатите од неа Социјалистичката партија на Македонија ги изразува своите ставови и гледишта.

Венизелос дојде и си замина како претседавач на министерскиот совет на Европската Унија и министер за надворешни работи на Република Грција. Македонија и македонскиот народ го пречекаа и испратија достоинствено, онака како што и доликува на европски цивилизирана и демократска земја. Човекот кој што не заслужува ни тронка почит поради неговите крајно нецивилизирани и фашисоидни ставови кон Македонија и македонскиот народ имаше прилика на дело да види и почуствува колку овој народ е цивилизиран и културен. Тоа се должеше на високо развиената демократска свест и почитта на македонскиот народ кон ЕУ и грчкиот народ.

Една група на демонстранти македонци, во неодамнешното минато брутално прогонети од неговата и нивна земја цивилизирано и достоинствено, му покажаа како се изразува протест кон човекот кој без скрупула ќе истура отров и навреди против македонскиот народ, неговото име, идентитет, историја и култура.

Социјалистичката партија на Македонија верува дека најголемиот дел од грчкиот народ ќе знае да препознае дека во македонскиот народ имаат свој искрен пријател, кој сака добрососедски односи и меѓусебна соработка.

Веруваме дека не е далеку времето кога грчката демократска јавност ќе избере власт која што нема заслепено и болно да гледа кон македонската реалност како на завршен чин, на нашето постоење и битисување на овие балкански и европски простори, почитувана и признаена под нејзиното уставно име од 138 земји од светот со кои остварува соработка.

Македонија и македонските државници на дело ја покажаа својата демократска свест и положија голем дипломатски тест. Веруваме дека таква свест и капацитет ќе покаже и младата прогресивна и демократски ориентирана генерација која веќе стапува на политичката сцена во Грција; Дека таа ќе биде ослободена од секакви предрасуди и фрустрации, дека ќе стави крај на агонијата во односите меѓу нашите две држави и народи, ќе знае да не почитува онака како што ние ги почитуваме, ќе знае да им каже збогум на лидерите кои што грчкиот народ го доведоа до просјачки стап.

Македонските социјалисти не гледаат друга алтернатива освен меѓусебно почитување, разбирање и соработка меѓу нашите народи, ако сакаме да имаме мир и стабилност на овие простори, особено денес кога Европа и светот се повеќе се соочуваат со социјални немири и несигурност.

Comments are closed.