Почна бербата на Преспанското јаболко

jabolkober

Со симболично откинување на првото јаболко на овоштарникот на Свислион Агроплод денеска, на верскиот празник Крстовден, официјално почна годинашната берба на Преспанското јаболко во рамки на манифестацијата „Преспански јаболкобер“.

Традиционалниот почеток на бербата го означија министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Михаил Цветков и градоначалникот на општина Ресен Ѓоко Стрезовски.

Поради ниските температури кои го зафатија Преспанскиот регион на крајот од април родот со јаболки е преполовен во однос на минатите години, односно се очекува да се соберат околу 50.000 тони јаболка. Околу 2.700 хектари јаболкови насади беа зафатени од мразот, а родот е оштететен од 20 до 100 проценти.

Ресорниот министер Цветков повторно ги повика земјоделците да ги осигураат насадите потсетувајќи на субвенционирањето од 60 отсто на осигурителната полиса од страна на Владата.

– Има слаб интерес од страна на земјоделците во однос на користење на овие средства, но мислам дека од година на година бројот се зголемува. Најголем проблем се временските неприлики, раните мразови и градот, истакна Цветков.

Министерството, додаде тој, вложува сериозни напори за решавање на сите проблеми со кои се соочуваат јаболко производителите.

– МЗШВ има изготвено проекти за овошни насади во кои предвидува комплетен третман, односно наводнување капка по капка и заштита од град со заштитни мрежи. Овие проекти земјоделците може да ги искористат за аплицирање за ИПАРД програмите за овој регион субвенциите се 70 отсто имајќи предвид дека е над 700 метри надморска височина, информира Цветков.

Ресенчани, според него, се соочуваат со проблем околу субвенциите на засадени површини кои не се на нивно име, но подвлече дека работат за надминување на овој проблем и очекува идната година да донесат законски решенија за негово надминување.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство потсети и на измените на Законот за земјоделство и рурален развој каде се предвидува субвенционирање од 90 проценти на трошоците за зголемување на земјоделски насади од еден на три хектари и 70 проценти за подигање нови насади за земјоделски стопанства кои имаат три хектари, а сакаат да зголемат на пет. Владата, потсети тој, ќе субвенционира и 80 отсто за поставување систем капка по капка, како и за изградба на бунари во места каде нема системи за наводнување.

Македонското земјоделство, смета Цветков, иднината треба да ја гледа во органското производство.

– Ние сме мала држава која на светските пазари тешко може да просперира со земјоделски производи третирани на класичен начин, нагласи министерот Цветков.

Comments are closed.