Министерска конференција за болеста јазлеста кожа

 

foto

Министрите од 19 земји од регионот ги прифатија заклучоците од „Министерската конференција за болеста јазлеста кожа“, која вчера и денеска се одржа во Софија (Бугарија), а на која учествуваше и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Македонија, Михаил Цветков.

На конференцијата организирана од Министерството за земјоделство и храна на Република Бугарија во соработка со Европската комисија, присуствуваа делегации од Албанија, Австрија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Чешка, Македонија, Грција, Унгарија, Израел, Италија, Молдавија, Црна Гора, Романија, Србија, Словачка, Словенија, Турција и од Украина, како и еврокомесарот за здравство и безбедност на храна, Витенис Андриукаитис, кои се договорија да имаат почести средби на кои ќе ги договараат и спроведуваат мерките за што поуспешна борба и сузбивање на оваа опасна болест

Министерот Цветков изрази благодарност до организаторите за реализацијата на Конференцијата на министри и експерти во областа, бидејќи болеста е регионален проблем и бара висок степен на сериозност во нејзиното третирање, а само во координиран начин на меѓународно ниво може да се делува успешно.

Цветков ги информира присутните дека Република Македонија со појавата на јазлеста кожа кај добитокот се соочи пред пет месеци, кога болеста навлезе преку нашата источна граница. За многу кус период се прошири во речиси сите општини на државата и е регистрирана во над 1.500 одгледувалишта.

Владата на Република Македонија реагираше брзо, преземајќи низа мерки што се во нејзина надлежност. Направени се соодветни измени во Програмата за користење на средства за здравствена заштита на животните за 2016 година и во Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2016 година, за да се обезбеди соодветна законска рамка за пренамена на средства за исплата на надомест кон оштетените одгледувачи, набавка на вакцина и спроведување на вакцинација.

Агенцијата за храна и ветеринарство во тесна соработка со Институтот за здравствена заштита на животните при Факултетот за Ветеринарна медицина Скопје, ја следат состојбата со болеста и редовно носат решенија за мерките за сузбивање и искоренување кои треба да се преземаат во зоните каде е утврдена појавата на болеста.

Цветков соопшти дека како држава целосно ги поддржуваме заклучоците кои се предложени на Конференцијата, бидејќи во многу голема мера истите веќе се применуваат во пракса кај нас и сметаме дека се оправдани. На нашата територија применувавме еквивалентни мерки, односно директиви и одлуки како земјите членки на ЕУ, а мерките кои треба да се спроведат во регионот треба да бидат униформни и да бидат применети без исклучок.

Во тој контекст очекуваме на почетокот на 2017-та година да се направи редовна ревакцинација на животните во регионот, за да можеме сезоната на вектори да ја започнеме со вакцинирана популација. Треба да се размислува и за други мерки кои ќе се спроведуваат, а пред се за движењето на вакцинирани и невакцинирани животни од регионите кон трети земји и ЕУ, токму како што е наведно во заклучоците.

Министерот Цветков се заблагодари и за укажаната навремена помош од 50.000 вакцини, како и за несебичната помош која што ја добиваме од Република Бугарија и истакна дека и во иднина очекуваме безрезервна поддршка, бидејќи иако не сме членка на ЕУ, сепак сме земја на европско тло и од заеднички интерес е да ги решаваме проблемите синхронизирано и во тесна координација.

Comments are closed.