Со законските измени ќе се надминат проблемите во лозарството

 

mihail -cvetkov

Направени се измени во Законот за вино кои поминаа на Влада и се очекува дека по скратена постапка следната недела ќе поминат во Собрание. Со нив ќе се олесни наплатата на побарувањата кои ги имаат лозарите за предадено грозје и ќе се надминат одредени проблеми што се јавуваа кога грозјето се продаваше на откупувачи кои вршеа откуп во име на одредени винарници.
Ова денеска го соопшти министерот за земјоделство Михаил Цветков кој во Кавадарци оствари средба со лозарите.

Цветков истакна дека годинава се очекува добар род, односно од 160 до 180 милиони килограми грозје. Потсети дека уште во мај, Министерството заедно со лозарите и винарниците ги направиле подготовките за бербата на грозје и дека е договорено грозјето да се исплаќа на три рати од кои првата на 15 декември, кога треба да се исплатат 20 проценти од продадениот род. Доколку не се почитува рокот, винарницата ќе ја изгуби лиценцата и сите приливи што ќе ги добива од продадено вино, ќе одат за исплата на ратата за лозарите. До 15 февруари мора да се исплатат 40 отсто од откупеното грозје, со истото правило, а остатокот до крајот на април.
– Договоривме цените да останат од минатата година. Но тоа се базни и почетни цени. Килограм „вранец” 13 и килограм „смедеревка” 11 денари. Кога велам базни цени, тоа значи дека оваа година ќе ги направиме сите напори грозјето да се откупува по шеќерни единици. Како ќе се зголемуваат шеќерните единици, така ќе се зголемува и цената по килограм грозје. За вранецот по 0.68 денари по една шеќерна единица, а за смедеревката по 0.65. Ова го направивме поради тоа што сакаме да имаме лозари кои ќе произведуваат квалитетно грозје од кое може да се направи квалитетно вино, изјави Цветков.

Тој изрази задоволство што од година во година се зголемуваат количините на флаширано вино така што во однос на минатата година, за околу 20 проценти е зголемена оваа количина.
– Околу 10 милиони литри флаширано вино е продадено досега, а 27 милиони литри е продадено во цистерни. Од минатогодишната реколта се продадени околу 38 милиони литри што значи дека сеуште има доста залихи, ако се има предвид дека околу 100 милиони литри на вино било произведено. Околу 60 проценти од виното не е продадено, рече Цветков.

Одговарајќи на новинарски прашања, Цветков потсети дека редовно се даваат субвенции во лозарството од 40 илјади денари по хектар. – Тоа е 25-процентно субвенционирање во цената на грозјето, рече Цветков, најавувајќи дека од следната година ќе се субвенционира 80-процентно инсталирањето на систем „капка по капка“.

Лозарите изразија задоволство од најавените законски измени, бидејќи сега при продажбата на грозје точно ќе знаат во која винарница го продаваат грозјето.

Comments are closed.