Цветков: Обвинувањата на СДСМ се неосновани, нема причина да поднесам оставка

 

foto

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Михаил Цветков денеска пред пратениците рече дека нема да поднесе оставка зашто сите обвинувања од опозицијата против него се неосновани и злонамерни.

– Не планирам да поднесам оставка и не гледам причина за тоа, истакна Цветков, одговорајќи му на Панче Орцев од СДСМ, кој на собраниската седница праша кој ќе понесе одговорност за состојбата со „јазлеста кожа“, за проблемите со откупот на оризот и пченицата, за исплатата на субвенциите и за злоупотреба на средства во програмата за рибарство.

Веднаш по појавата на „јазлеста кожа“, нагласи Цветков, Министерството одвои средства за 250.000 вакцини, но проблем беше фирмата која требаше да ги увезе.

– Ние баравме гаранција за парите што и ги даваме, но фирмата не можеше да ги обезбеди, не беше моќна. Од тие причини, отидовме на втора фирма и ги увезовме вакцините. Пред тоа добивме помош од Европската комисија, 50.000 вакцини, по што веднаш почнавме со вакцинирањето, објасни министерот.

Болеста, информира, е појавена во 43 општини, главно во источниот дел и во северна Македонија и има 1.300 жаришта. Угинате се 3.100 животни што е 1,2 отсто од вкупниот број говеда 242.000 грла.

– Ако угинат 1,2 отсто не можеме да кажеме дека ситуацијата е драматична. Секако дека е проблем за земјоделците, но сепак, се работи за 1,2 процента. Тоа не би требало да се одрази врз производството на месо и млеко. Проблемот малку се одолговлечи поради административните проблеми. Вакцината ја произведува само една фирма во цел свет, во Јужна Африка, а појавувањето на болеста во регионот доведе до тоа да нема доволно вакцини што беше дополнителна причина за застој. Но, вакцините стигнаа, добитокот е вакциниран, а отштета ќе биде исплатена согласно законот, потенцира Цветков.

Според него, не е точно дека средствата од ИПАРД се скратени.

– Рековте дека Европската комисија ги скратила фондовите за земјоделството. Тоа е тотална лага, воопшто не се скратени средства, напротив. Јас како министер посветив големо внимание на ИПАРД Програмата. Од 2015 до 2017 година се одобрени седум милиони евра, одбрани се изведувачи и проектите се во тек, подвлече Цветков.

Во врска со субвенциите, Цветков нагласи дека ако се најде случај каде апликациите се исправни, а поддршката не е исплатена, тој самиот ќе преземе обврска да се исплатат, додека службеникот кој не ја реализирал исплатата ќе сноси одговорност.

За чистењето на каналите во 2014 година, министерот повтори дека е спроведена целосна постапка согласно Законот за јавни набавки. Како што објасни, за оваа намена се јавиле 17 фирми, од кои четири добиле на електронската аукција, за што постојат записници, и тие се избрани.

Цветков информира дека формирал и Комисија со членови од сите министерства, за што постои записник од 50 страници со фотографии дека каналите од 149 километри се исчистени, по што се исплатени сите средства.

Comments are closed.