Соопштение 21 Април 2016

Социјалистичката партија на Македонија е згрозена од вандалското однесување на опозицијата и нејзиното бездушно сквернавење на историските паметници кои го овековечуваат минатото на македонскиот народ.

Симболот на антифашистичката борба на македонскиот народ, споменикот на АСНОМ, недостоинствено е осрамотен во налетот на опозициските јуришници.

Социјалистичката партија на Македонија напоменува дека Народно ослободителната борба на македонскиот народ претставува најсветлата страница од неговото историско минато.

АСНОМ, Антифашистичкото Собрание на Народното Ослободување на Македонија е темелот на државноста на македонскиот народ, тоа е основата на која за прв пат е создадена македонската држава.

На тие темели ние сме тие што сме и ги уживаме плодовите на храбрата антифашистичка борба и борбата за национална и социјална слобода на македонскиот народ со која крваво е спечалена самостојноста и независноста на современата Република Македонија.

Затоа, сите граѓани на Република Македонија го почитуваат сопственото историско минато како дел од нашиот живот и како пример за градење на просперитетна, демократска и силна држава.

Сите освен опозицијата која во уништувачкиот налет повторно го погази достоинството на македонскиот народ и на македонската држава, негирајќи ја неговата историја и жртви.

Оттаму, Социјалистичката партија на Македонија најостро го осудува овој неразумен чин на опозицијата, особено затоа што од нејзина страна нема никакво оградување од вандалските постапки, што говори дека овој начин на делување е дел од нејзиното црно сценарио за разнебитување на македонската држава и негирање на сопствената историја.

Социјалистичката партија на Македонија бара од надлежните државни институции да ги повикаат организаторите, тие кои ги пријавуваат протестите, за нивен целосен надомест на штетата која е создадена врз државните објекти, јавниот имот и историски споменици, да ги пронајде директните сторители на вандалското уништување и тие да одговараат пред законот.

Comments are closed.