Органското производство ќе се развива со швајцарска помош

slika

Македонија и Швајцарија ќе ги координираат заедничките активности кои водат кон раст на органскиот земјоделски сектор во Македонија преку воспоставување на врска помеѓу органските производители и потрошувачите, зголемување на свеста за придобивките од органски производи и зајакнување на довербата на потрошувачите.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Михаил Цветков и директорката на Програмата за зголемување на пазарната вработливост на швајцарската Фондација за техничка соработка, Розанди Лоу денеска потпишаа меморандум за разбирање и соработка во областа на органското производство во наредните три години.
Партнерството вклучува изработка на брошури, промотивни материјали и софтверски алатки за органско земјоделско производство, спроведување на обуки во областа на земјоделството и руралниот развој, како и создавање на услови за подобра вработливост на жените и младите лица.
-Вашите активности се вклопуваат во нашите планови за развој на органското производство, истакна министерот Цветков кој ги образложи мерките кои се превземаат за поголемо производство на органските производи и преработки. Нашите интенции се да ги мотивираме малите земјоделски стопанства кои сочинуваат околу 70 до 80 % од вкупните стопанства да произведуваат органска храна преку обуки на производителите, олеснување на набавката на дозволените заштитни средства, ѓубрива и семенски материјал, а планираме да воспоставиме и систем на договорено производство на ист квалитет со што ќе се добиваат поголеми извозни количества.
„Веќе постојат одредени контакти и почетен интерес на производители на органско семе од Швајцарија за остварување на соработка со македонски компании. Ние работиме заедно со органските земјоделци на изнаоѓање на можности за пласирање на органските производи на странски пазари, но и на подобрување и осовременување на квалитетот на нивните производи“, рече директорот на програмата Розанди Лоу.
На потпишувањето на меморандумот присуствуваше и Катарина Штокер, заменик амбасадорот на Швајцарија која ја истакна долгорочната соработка меѓу Швајцарија и Македонија во областа на органското земјоделство.
„Швајцарија веќе подолг период го помага развојот на органското производство во Македонија. Со потпишувањето на овој документ, таа помош продолжува преку заеднички и координирани активности на министерството и Програмата за зголемување на пазарната вработливост и применување на швајцарски искуства и знаење за развој на секторот“, рече заменик амбасадорот Катарина Штокер.
Програмата за зголемување на пазарната вработливост (Increasing Market Employability – IME) е програма на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) имплементирана од водечкиот партнер Swisscontact, во соработка со локалниот партнер ПРЕДА Плус. Првата фаза од програмата се имплементира од 2015 до 2019 година и е со буџет од 6.25 милиони швајцарски франци. Програмата работи во три сектори: туризам и угостителство, креативни индустрии и зелена економија. Очекуваните клучни резултати од програмата се, во период од 4 години, да се создадат повеќе од 2.000 директни или индиректни работни места и да се зголеми нето приходот на повеќе од 1.000 мали и средни претпријатија за 1.5 милиони евра.

Comments are closed.