Поставен камен темелник на нов откупно-дистрибутивен центар во Општина Илинден

 

fotoОргански произведени овошје и зеленчук од Македонија ќе извезува на европскиот пазар турската компанија Атајмач која денеска почна да гради откупно-дистрибутивен центар во индустриската зона во општина Илинден.
Вкупната инвестиција во откупно-дистрибутивниот центар за овошје и зеленчук ќе изнесува 10 милиони евра и ќе бидат отворени 100 работни места, истакна инвеститорот Атај Мач при денешното поставување камен темелник во Општина Илинден.
Инвеститорот Мач информираше дека во меѓувреме по одлуката за инвестирање е купена градежната парцела, обезбедени се потребните дозволи за градба и денеска почнуваат градежните активности кои планираат да ги завршат до наесен за да се искористи откупната сезона.
– Ќе откупуваме претежно органски производи, сите видови овошје и зеленчук, кои ќе ги извезуваме во Западна Европа. Првично планираме откуп од локалните земјоделци, а во иднина ќе извезуваме производи од сопствено производство, рече Мач.
Министерот за земјоделство Михаил Цветков изрази задоволство од најавата на компанијата Атаимач за извоз на органски производи од Македонија.
– Ќе направиме се Македонија да стане производител на органска храна бидејќи тоа го бара и европскиот пазар, наведе Цветков, најавувајќи дека токму за откупот на органски произведена храна во државава денеска ќе има средба со домашните земјоделски задруги и производители.
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство обезбеди вкупно 24 локации за откупно-дистрибутивни центри за овошје и зеленчук, од кои 11 се веќе продадени. За поголемиот дел се изработуваат проекти, а останатите се во фаза на понуди за прибирање тендери за градба.

Comments are closed.