Презентација на извештајот за адаптација на овоштарството, лозарството и градинарството кон климатските промени

Cvetkov - klimatski promeni

Лесно апликативни, не многу скапи и економски оправдани, вакви адаптивни мерки треба да се преземат за заштита на земјоделството од климатските промени чии негативни влијанија допрва ќе се почувствуваат.

Ова е пораката од денешната презентација на резултатите од Проектот за адаптација кон климатските промени, спроведен од Мрежата за рурален развој на Македонија, со финансиска поддршка на УСАИД.

Според експертите, државата не може да влијае на климатските промени, но може да го прилагоди земјоделското производство и со тоа, во одредена мера, да го заштити од несаканите последици. Производителите, пак, се се посвесни за влијанието на климатските промени, бараат стручна помош и соработуваат за заштита и зачувување на посевите.

– До 2050 година просечната температура во Македонија се очекува да се зголеми за три степени целзиусови, а врнежите да се намалат за осум проценти и да бидат обилни во одредени периоди, но нерамномерни. Тоа ќе предизвика проблеми, рече министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Михаил Цветков.

Осврнувајќи се на превентивните мерки што ги презема државата во оваа насока, Цветков најави дека со поддршка на ФАО, Македонија од почетокот на 2016 година ќе почне да го спроведува Проектот за адаптација кон климатските промени, вреден 400.000 долари. Целта е ублажување на последиците од климатските промени, но и соодветна подготовка на земјоделците за полесно справување со нивните негативни влијанија кои допрва ќе бидат изразени.

– Како држава не можеме многу да помогнеме за намалување на стакленичките гасови, но треба да ги преземеме сите мерки и подготвени да ги дочекаме проблемите што не очекуваат во земјоделството, истакна министерот.

Активностите се фокусирани на наводнувањето за кое, во наредните десет години, до 2025-та, е предвидено да се вложат 200 милиони буџетски средства. Ќе се рехабилитираат постоечките системи и ќе се градат нови, модерни, капка по капка и со распрскувачи, кои ќе заштедат вода. Од ИПА 1 Програмата се одобрени 10 милиони евра од кои три милиони за чистење на Црна Река, за реката во Струмица и многу други проекти.

– Изминативе четири години во рамки на Проектот применувавме повеќе групи мерки меѓу кои поставување УВ заштита или противградобијни мрежи и избор на соодветни сорти за секој регион. Мора да се прилагодуваме преку формирање начини на резидба за плодовите да бидат помалку изложени на сонце, различни технологии на садење – во посушни региони подлабоко, користење водозадржливи материи – хидрогел,…, истакна професорот по овоштарство на Факултетот за земјоделски науки и храна Марјан Кипријановски.

Тој препорачува мерки за заштита кои не би го поскапеле производството, со исклучок на поставувањето противградобијни мрежи што за Македонија е новина, а во развиените земји практика.
Според професорот Климе Белески од Катедрата за лозарство, грозјето може да се заштити со три групи мерки: поставување УВ мрежи, употреба на калциум карбонат и примена на специфичен систем на кроење кој овозможува природна сенка.

– Последната мерка која првпат се промовира кај нас е употребата на калциум карбонат кој до 90 отсто го рефлектира штетното УВ зрачење. Природен е, евтин и лесен за апликација, посочи Белески.
Анализата на влијанијата на климатските промени покажува економски загуби кај стратегиските земјоделски култури и намалување на приносите до 50 отсто. Се смета дека најранлив регион ќе биде Повардарието, а најранлива култура грозјето. Регионот на Струмица, Гевгелија, јужна Вардардска долина, Кумановска долина и Овче поле се рангирани како високо ранливи, каде негативни последици се очекува да имаат земјоделските култури, домат и пченица.

Во сточарството се очекува намалување на добиточниот фонд како резултат на температурниот стрес ефект врз добитокот, а се смета дека локалните раси кои се подобро прилагодени на локалните услови ќе бидат поотпорни на посувите и потоплите климатски услови проектирани за во иднина.

Меѓу најголемите ризици од климатските промени кои се прогнозираат во наредните две до три децении, е појавата на нови болести и штетници во растителното и сточарското производство.

Comments are closed.