Заменик-министерот за здравство во Прага оствари повеќе билатерални средби

Jovica_Praga

Заменик-министерот за здравство Јовица Андовски на маргините на вториот ден од Самитот на министрите за здравство на 16 земји од Централна и Источна Европа (ЦИЕ) и Кина, оствари повеќе билатерални средби.

На средбата со чешкиот министер за здравство Сватоплук Њемечек, Андовски ја поздрави отворената можност за испраќање македонски доктори на едукација во реномирани медицински центри во Чешка, што во континуитет се спроведува со проектот за едукација на медицински кадар од Македонија во странство.

Како што јави дописникот на МИА од Прага, на состанокот се разговараше и за проектите на Министерството за здравство на Република Чешка кои се реализираат во насока на унапредување на здравствениот систем.

За унапредување на соработката во здравствениот сектор Андовски разговараше и размени искуства и со делегацијата од Министерството за здравство на Република Србија.

Во текот на денот, Андовски ќе оствари средба и со делегацијата од НР Кина, предводена од заменик министерот за здравство, Ма Ксиовеи.

Во обраќањето на работниот ручек, по официјалното отворање на Самитот, Андовски упати благодарност до чешкиот министер за здравство, како и до делегацијата од Народна Република Кина за успешната организација на настанот, а воедно изрази поддршка за организирање вакви настани и во иднина со цел продлабочување на соработката меѓу земјите од овој регион.

Самитот е еден од настаните што се одржуваат врз основа на Упатството за соработка меѓу НР Кина и земјите од ЦИЕ донесено до страна на премиерите на тие земји на Самитот во Белград во декември 2014 година, каде учествуваше и претседателот на македонската Влада, Никола Груевски. Соработката на НР Кина со земјите од ЦИЕ започна пред три години во Будимпешта, а продолжи на состаноците во Варшава во април 2012 година и во Букурешт една година подоцна.

Comments are closed.