Реакција на СПМ на уцените и заканите на премиерот на Албанија Еди Рама

znak

Социјалистичката партија на Македонија е изненадена и вчудоневидена од уцените и заканите што премиерот на Албанија Еди Рама ги искажа на регионалниот самит против тероризмот дека неговата земја ќе стави вето за влез на Република Македонија во НАТО доколку таа целосно не го спроведе Охридскиот договор.

Ваквата изјава на Рама и другите негови гледишта за борбата против тероризмот, особено искажани за случувањата во Куманово, се спротивни на прокламираната политика на НАТО и ЕУ за мир и стабилност во регионот, како и на Повелбата на ОН.

Неговите повеќе пати јасно искажани големоалбански ставови се директно насочени кон дестабилизација на регионот и поткопување на демократските вредности и изградените меѓунационални односи во Република Македонија.

Веруваме дека тие заслужуваат да бидат преиспитани од НАТО Алијансата и другите меѓународни организации кои се борат за мир и стабилност во светот со преземање на конкретни чекори за осуда на неговата ретроградна политика.

Социјалистичката партија на Македонија на премиерот на Албанија Рама му порачува да се посвети на решавање на проблемите во неговата земја и да престане со праксата да им дели лекции и да им дава задачи на албанските политички партии во Македонија и директно да се меша во водењето на нивната политика во државата во која живеат.

Тие се доволно свесни кон што ги води оваа националистичка реторика во услови на изграден и потврден соживот и реализиција на суштинските права на албанската зедница во Република Македонија.

Comments are closed.