Соопштение до јавноста во врска со случувањата во Куманово

znak

Во врска со жестоката пресметка на македонските безбедносни сили со тероистичката група утврдена во дива населба во Куманово, Социјалистичката партија на Македонија изразува длабоко жалење за осумте херојски загинати и повредени припадници на македонската полиција на олтарот на слободата, мирот и напредокот на нашата татковина.

Длабоко сочуствуваме со загубата, болката и тагата на семејствата на загинатите полицајци чија смрт неможе со ништо да се надомести.

Истовремено, Социјалистичката партија на Македонија изразува почит и признание за високата патриотска свест и пожртвуваност на сите учесници во акцијата за ликвидирање на терористичката група. Нашите одбрамбени сили покажаа и докажаа висока професионалност и борбеност во одбрана на граѓаните загрозени од оваа терористичка група.

Акцијата на безбедносните сили во Куманово сигурно ќе влезе во историјата не само на нашата земја, туку и пошироко од која ќе се учи како треба да се брани суверенитетот и интегритетот на својата татковина извојувана од нашите татковци и успешно одбранета од денешната генерација.

Социјалистичката партија на Македонија ја изразува својата восхит кон граѓаните на Република Македонија за нивната смиреност, зрелост и мудрост што не дозволија разни неодговорни лица, манипулатори и воени подбуцнувачи кои со сеење на омраза, поделби со повик за братоубиствена војна сакаат да направат неред и да ја дестабилизираат државата.

Социјалистичката партија на Македонија повикува политичките партии и сите видови на медиуми да не ја користат сложената безбедносно политичка ситуација за дневно политички цели и да не поттикнуваат нејзина натамошна ескалација.

Македонските граѓани имаат доволно искуство и страдања од премногу такви и слични искушенија и тоа не уверува дека во иднина нема да наседнат на евентуално нови слични ситуации.

Затоа уште еднаш укажуваме на неопходноста од понатамошна смиреност, воздржаност и мудрост во градењето на нашиот заеднички меѓуетнички живот како најголема гаранција за зачувување на мирот и стабилност на нашата земја.

Сегашната политичка криза мора да се надмине со зголемен меѓупартиски дијалог и меѓусебно почитување во изнаоѓањето на решенија низ институциите на системот.

Comments are closed.