Историја на СПМ
Социјалистичката идеја во Македонија има доста долга политичка историја, што трае од крајот на 19 и целиот 20 век, па се до денес.
Социјалистичката партија на Македонија ги продолжува политичките традиции на напредната социјалистичка мисла на македонскиот народ и потврдените вредности на социјалистичкото работничко движење. Како следбеник на Народниот, односно Народноослободителниот антифашистички фронт кој по Втората светска војна се трансформира во Социјалистички сојуз, Социјалистичката партија на Македонија останува доследна на своите богати искуства, инспирирани од прогресивните социјалистички идеи за правда, хуманост, социјална солидарност и еднаквост, збогатувајќи ги со новите актуелни современи барања.
Формирање на СПМ
Социјалистичката партија на Македонија во современото македонско плурално општество дејствува скоро две децении, со што го збогатува Европското семејство на лево ориентираните партии. Досега има воспоставено и соработува со повеќе од дваесет социјалистички и други левоориентирани партии во регионот и пошироко во Европа. Претставници на СПМ учествувале на повеќе собири, трибини и други облици на активност на социјалистичките и други левоориентирани партии, на нивни конгреси и слично. СПМ и самата беше организатор на меѓународни научни дебати и соорганизатор на слични дебати со социјалистички партии од својот регион.
Веднаш по распаѓањето на Југославија и на самите политички и системски промени во деведесетите години дотогашната позната најголема политичка организација Социјалистички сојуз се трансформира во Социјалистичка партија на Македонија.
На 13 јули 1990 година, републичката конференција носи одлука за трансформација од ССРНМ во Социјалистичка партија на Македонија, партија со демократска социјалистичка ориентација. За нејзин прв претседател е избран Киро Поповски. На 14 септември 1990, СПМ е запишана во регистарот на градскиот секретаријат за внатрешни работи, како Социјалистички сојуз на Македонија - Социјалистичка партија на Македонија.
Киро Поповски

Киро Поповски е прв претседател и основоположник на СПМ, роден 1942 година, дипломиран правник и истакнат политичар во поновата историја на Македонија.
На првиот конгрес, одржан во јуни 1991 година, избришани се зборовите Социјалистички сојуз на Македонија. На конгресот беа усвоени Политичката програма и Статутот на Партијата.
Со Партијата раководи претседателот, тројца потпретседатели, генерален секретар и извршен секретар. Највисокиот орган на Партијата е Конгресот кој се одржува на секои 4 години (досега се одржани шест конгреси). Помеѓу два Конгреси највисок орган е Републичкиот одбор, потоа Извршниот одбор, Надзорниот одбор и Претседателството.
Политичка определба и ориентација
Политичката определба на СПМ се темели на веќе изградените демократски концепции и на кодексот на социјалистичкото движење во европски и во традиционално-историските македонски димензии. Денешната СПМ се надоградува на вредносните сфаќања и опции кои значат подршка на современите општествени текови и интереси на граѓаните во Република Македонија.
СПМ во својот историски континуитет, и во актуелниов период од нејзиното постоење и делување декларирајќи се како демократски определена партија, силно се потпира врз интересите на граѓаните кои се определиле за левата опција. Како политичка партија во македонското плурално општесто со граѓанска политичка определба, утврдена во Уставот на Република Македонија, СПМ е подготвена да ги имплементира и развива неговите атрибути и содржинските вредности. Усогласувањето на историските и на современите граѓански вредности како обврска СПМ успешно и доследно ги имплементира во општествениот живот на Република Македонија. Таа со својата активност во Парламентот и во одредени периоди со учество во Владата на Република Македонија, доследно и темелно се грижи, како за македонското домицилно население, така и за човековите, политички, економски и социјални права на граѓаните од другите етнички заедници во Македонија, за негувањето на верските, на културно-обичајните и на другите придобивки значајни за содржинско збогатување на мозаикот на општествениот живот во Република Македонија.
Во рамките на СПМ постојат и дејствуваат организации на младите социјалисти и Форумот на жените, со свои посебни органи. Исто така скоро за сите области на политичкото и општественото делување постојат комисии кои расправаат за одделни законски проекти и актуелни општествени прашања. Партијата има свои 80 општински организации на локално ниво со разграноци по месните заедници. Нивната организациона поставеност и структура е приближно иста како и на Републичко ниво.
Социјалистичката партија на Македонија од првите парламентарни избори до денес постојано учествува во изборните процеси и постојано е застапена со три до осум пратеници во Парламентот. Во вториот парламентарен состав, лидерот на СПМ е избран за потпретседател на парламентот. Во актуелниот Парламент е застапена со 3 пратеника и во Коалиција со повеќе политички партии во актуелната Влада на Република Македонија е застапена со министер, заменик министер и други раководни позиции. СПМ учествува на сите локални избори за градоначалници и советници и постојано има од 3 до 5 градоначалници од вкупно 120 општини и во нив сите со советници во локалните општински совети. СПМ покрај политичката платформа и политичка програма, за сите парламентарни и локални избори настапува со посебна изборна програма.