Министерот Димовски ги посети преспанските села погодени од невремето
Формирани се две општински комисии, кои на самото место ќе извршат процека на штетите на површините под јаболкови насади во општина Ресен, погодени од невремето во саботата.
Тоа го соопшти градоначалникот на Ресен Михаил Волкановски, на денешната заедничка средба со претставници на Сојузот на здруженија „Обединети агропроизводители“ од Ресен, на која присуствуваше и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски.
Како што соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, според првичните проценки, оштетени се околу 300 хектари јаболкови насади во преспанските села Царев Двор, Горна и Долна Бела Црква, селото Козјак, како и насади со јаболка во селата Дрмени и Сопотско.
- Управата за хидрометеоролошки работи преку противградниот центар „Тополчани“, во саботата дејствувала со 36 противградобијни ракети, со што е избегнато настанување штети на поголеми површини. Проценката на штетите која наскоро ќе ја извршат општинските комисии ќе ја даде точната бројка на површините кои беа погодени од саботното невреме, истакна министерот Димовски кој денска ги посети преспанските производители на јаболка чии површини беа погодени од невремето.
За зачестените реакции на овоштарите дека се сомневаат во квалитетот на препаратите за заштита и прихранување на растенијата, министерот Димовски информира дека деновиве Државниот инспекторат за земјоделство спровел две акции за контрола на препаратите во земјоделските аптеки.
- Земените мостри за контрола на процентот на активна материја во препаратите за заштита и прихрана на растенијата се анализираат во овластени лаборатории. Резултатите се очекуваат наскоро, но и покрај тоа останува апелот до земјоделците да купуваат и употребуваат само проверени и декларирани препарати, кои ќе ги набават од овластени дистрибутери и регистрирани земјоделски аптеки, посочи министреот Димовски.