Демант на информациите изнесени од весникот "Дневник"

Социјалистичката партија на Македонија сака да ја информира македонската јавност дека текстот изобилува со разни шпекулации, невистини и манипулации кои ги носат во заблуда граѓаните на Македонија.

Очигледно некој во оваа држава сака да ги мати водите. И на полуписмен човек во оваа држава му е јасно дека водите се еден од основните ресурси за развојот на земјоделието. На новинарот веќе кога се зафатил да пишува за оваа материја требало да му биде познато дека 75% од водите се користат за наводнување, дека за развојот на земјоделието е потребна функционална каналска мрежа за наводнување и одводнување на која што Министерството за земјоделство и Владата на РМ во изминатите години посветија посебно внимание. Оттаму и логично е водите да бидат составен дел на развојот на земјоделството во Македонија, па спрема тоа да потпаднат под ресорот земјоделство.

Чувствуваме потреба одделно по точки да ги демантираме сите тенденциозни и лажни наводи изнесени во весникот:

1. Имено, не се точни наводите дека само пратениците на СПМ барале одложување на примена на Законот за води. Ова барање го поднесоа 24 пратеници, а истиот беше изгласан во Собранието на Република Македонија со мнозинство гласови меѓу кои и гласови од опозицијата.

2. Најголема манипулација што се прави со овој текст се наводите дека Македонија во наредните години ќе загуби најмалку 10 милиони евра од европските фондови, каде се цитира писмото на Карл Фалкенберг, во писмото само се изразува "загриженост дека одлагањето на законот би можело да има влијание врз целиот интегративен процес". Никаде не стои во тоа писмо, ниту во било кој документ од Европа дека се загрозени проектите кои треба да бидат финансирани од ИПА фондовите (пречистителната станица за отпадни води во Прилеп и проектот за зајакнување на капацитетите на Министерството за животна средина), ниту некаков краен рок за имплементација на новиот закон што треба да го исполниме.

3. Околу наводите дека кога Македонија добила стаус на земја кандидат, на Брисел му било ветено дека водите ке преминат во Министерството за животна средина и просторно планирање, како што предвидувала Европската легислатива, категорички тврдиме дека во Европската директива за водите 2060, стриктно се бара интегрирано управување со водите од еден центар, и Европа ќе инсистира на примена на оваа директива. Никаде, во ниеден документ не се бара водите да бидат во МЖСПП, туку да се обезбеди интегрирано управување од еден центар, без разлика под кое министерство е тој.

4. Околу наводите дека пратениците од Социјалистичка партија сакаат да ја земат под концесија браната "Кнежево", ниту една брана во РМ досега не е дадена под концесија, ниту согласно законот може да биде дадена. Ова е класична клевета и примитивизам, непоткрепени со никакви аргументи.

5. Проектот на швајцарската влада за сливот на Брегалничка Река е во тек и не е точно дека е во опасност. Пред една недела во Управата за водостопанство беа претставници на швајцарската влада и се разговараше за текот и прогресот на проектот.

6. Околу наводот дека за водите во Република Македонија никој не се грижи и дека дипломатот е уверен дека проблемот е во тоа што овој сектор Владата му го препуштила на социјалистите, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, заедно со Управата за водостопанство веќе 60 години раководи со ресорот води и успешно ги заврши првите фази од четири капитални инвестиции во Република Македонија (Браната "Лисиче", Браната "Кнежево" и "Проектот за наводнување на Јужната Вардарска долина"). Пред потпишување е договорот за втората фаза од "Проектот за наводнување на Јужната Вардарска долина". Започна првата фаза од уште една капитална инвестиција во РМ – Браната на "Оризарска река". Новинарот се повикува на анонимни дипломати. Кој е тој анонимен дипломат кој си дозволува или има право да си дозволи да коментира како ќе се уредуваат внатрешните односи во една држава. Ниту еден странски дипломат никогаш не коментира околу распределбата на ресорите по политички партии, и затоа ноторна лага е дека некој европски дипломат проблемот го лоцира во тоа што некој сектор е воден од некоја политичка партија.

7. Проектот во Прилеп се одвива без никави проблеми, избрана е шпанската компанија "ЕПТИСА" за израбитувач на проектот, компанијата е лоцирана веќе во Прилеп и започнати се подготвителни работи.

Очигледно во оваа држава на некој му смета тоа што земјоделието најпосле крена глава и работите интензивно се средуваат од хаосот што претходно беше создаден.

Оваа информација објавена во весникот Дневник од новинар од Брисел веќе познат на македонската јавност кој во своето информирање непрекинато и тенденциозно ја дезинформира македонската јавност и ги лаже граѓаните на Република Македонија без никаква етичка и морална одговорност. Оттука го повикуваме г-динот Срѓан Керим како сопственик на оваа групација на печатени медиуми да ги анализира ваквите написи и нивната штетност по интересите на Република Македонија и да превземе соодветни мерки против ваквите новинари.

Превземања

Химна на МСМ
Ајде биди социјалист
 
Позадина МСМ
Позадина 1440х900

Контакт

ул. 11 Октомври бр. 17
1000 Скопје

телефон контакт:
02/ 32 28 015
02/ 31 17 603

факс:
02/ 32 20 025

електронска пошта (e-mail):
contact@spm.org.mk

Социјални мрежи

Посетители