Претседател

ljubisavivanov

Љубисав Иванов – Ѕинго

Член и претседател на СПМ. Роден на 8 ноември 1936 година во Кратово. Македонец. Дипломиран рударски инженер. Пратеник во собранието на Република Македонија

Биографија:

Инг. Љубисав Иванов – Ѕинго е роден на 8.11.1936 година во село Трновац – Кратовско, Република Македонија. Основно образование стекнал во Кратово, завршил гимназија во Куманово, а дипломирал на рударскиот факултет во Белград во рекордно време со просечна оценка 9. Денес живее во Кратово, Република Македонија.

Господинот Љубисав Иванов – Ѕинго е лидер на Социјалистичката партија на Македонија од 1996 година. Познат е како политички ангажирана личност во поранешна Југославија и по осамостојувањето на Република Македонија. Бил повеќе пати пратеник во Парламентот во Југославија и во Република Македонија, член на Комунистичката партија на Југославија и Македонија и во највисоките органи на Партијата. Како истакнат стопанственик бил претседател на Стопанската комора на Македонија и претседател на Управниот одбор на најголемата банка во Македонија – Стопанска банка. По распадот на Југославија и системот тој е еден од оснивачите на Социјалистичката партија на Македонија и доследен борец за остварување на социјалистичките идеи кои имаат повеќе од 100 години традиција во Македонија.

Г-динот Љубисав Иванов – Ѕинго во македонската, поранешната југословенска заедница и пошироко во Европа и светот е познат како истакнат стопанственик. Тој е оснивач и повеќе од 30 години генерален директор на компанијата “Силекс” во чии рамки работат повеќе фабрики, рудници, земјоделска и сточарска дејност, угостителство, туризам и трговија, а во системот на компанијата работи “Силекс” банка и телевизија “Сител” која емитува програма на целата територија на Република Македонија. За својата работа Иванов е добитник на повеќе државни признанија меѓу кои и на највисокото југословенско признание АВНОЈ.

Иванов има цврсти ставови во врска со развојот на Република Македонија, како граѓанска држава со владеење на правото и правната држава, без што нема демократија и економски просперитет. жесток поборник е за развој на пазарното стопанство со нагласена социјална политика која ќе обезбеди пристоен живот за секој граѓанин, со максимално искористување на домашните ресурси. Излезот за сите проблеми што се јавуваат во македонското општество го гледа исклучиво во развојот на економијата и вработеноста на граѓаните. Оттука постојано ја потенцира потребата од искористување на сите расположиви капацитети, особено на оние кои апсорбираат поголема работна сила. Постојано инсистира државата да создаде поволен амбиент за развој на економијата и услови за покренување на нов инвестиционен циклус во кој под итно треба да се изврши модернизација и осовременување на постојните капацитети и изградба на нови.

Г-динот Иванов со голем интерес ја следи меѓународната политика и процесите што се одвиваат во светот, глобализацијата која се остварува ја гледа исклучиво во функција на помагање на неразвиените и сиромашни земји, а не за нов колонијализам, експлоатација и доминација од страна на одредени држави и мултикомпании.

Од осамостојувањето на Република Македонија, па до денес, тој постојано инсистира на тесна соработка со сите балкански земји за создавање на економска асоцијација од типот на европската заедница, што ќе овозможи широк пазар и привлекување на странски капитал. Во тоа ја гледа и можноста за побрз развој и влез на Република Македонија во Европската унија.

Г-динот Иванов повеќе пати престојувал на сите континенти во светот и три пати во Хонг Конг и тоа последниот пат во 1990 година.

Активности во Собранието

  • Комисија за уставни прашања, заменик член
  • Комисија за финансирање и буџет, заменик член
  • Комисија за економски прашања, претседател
  • Комисија за здравство, заменик член
  • Комисија за прашања на изборите и именувањата, член
  • Пратеничка група на Собранието на Република Македонија за соработка со Парламентот на Руската Федерација, претседател
  • Пратеничка група на Собранието на Република Македонија за соработка со Парламентот на Република Бугарија, член
  • Пратеничка група на Собранието на Република Македонија за соработка со Парламентот на Црна Гора, член

Leave a Reply