Интервју со Љубисав Иванов – Ѕинго

Ljubisav-Ivanov-Dzingo-1

(објавено во неделник Република бр. 66, 6 дек 2013)

Како се чувствувате како пратеник со најдолг стаж не само во овој дел од Европа туку, можеби, и во целиот свет?

Ѕинго: Да бидеш прав пратеник е чест и задоволство, посебно ако си директно избран од гласачите и ако си победил убедливо во фер и демократски избори со своите идеи преточени во програма, која во практика, навистина, ќе ја реализираш за да имаш образ и смелост и во наредниот изборен период да побараш нов избор и поддршка. Јас секој пат се трудев да го исполнам ветеното. Mојот придонес во мојата изборна единица и денеска се гледа насекаде на економски, инфраструктурен и на општ план. Гласачите можеш само еднаш да ги излажеш, но по вторпат тешко. А јас ја добивав непрекинато довербата на основа на резултати и на видливи ефекти од тие резултати. Бев пратеник во различни општествено-политички системи. Во социјалистичкиот систем, практично, можеше да бидеш предложен за пратеник со амин на ЦК на СКМ, но за првпат во Југославија бев предложен за пратеник на собири на луѓе од општините Куманово, Крива Паланка и Кратово, кои ја сочинуваа кумановската околија. И тоа масовно. Таа можност ја даваше Уставот и законите, но никој не ја користеше поради филтрите што следуваа. Јас ги поминав сите и тоа беше оценето како висок дострел на демократијата во Југославија. Околу таквиот мој избор имаше голема полемика и отпор, но победи разумот и прогресивните сили во тогашното општество. Има многу интересни случки, но ќе изнесам само уште еден пример од сегашниот општествено-политички систем. Во деведесеттите години од дваесеттиот век за првпат во самостојна независна Република Македонија се распишаа избори во повеќепартискиот систем. Јас тогаш учествував како самостоен кандидат за пратеник во македонскиот парламент и имав многу противкандидати предложени од партиите. На тие избори победив со 92 процента од излезените избирачи. Луѓето не гласаа за партија туку за личност, која не ги изневери во дотогашните мандати. Многу луѓе ме прашуваа, а и денес често се случува тоа, зошто прифатив да бидам пратеник, а не прифатив да бидам поставуван на високи државни функции, какви што ми се нудеа во обата система. Мојот одговор секој пат беше дека не сакам да се занимавам со професионалната власт, дека тоа не ме исполнува и не ми причинува задоволство. И покрај тоа што во овој мандатен период бев по којзнае кој пат избран за пратеник, и покрај тоа што ми се вршеше притисок да не поднесувам оставка, сам реков дека беше доста. На младите им останува светот. Јас треба да се одморам и во границите на своите можности ќе ѝ служам и понатаму на својата држава и татковина.

 

Бевте еден од ретките стопанственици, кој уште во социјализмот користеше светски искуства во бизнисот. Знаевте ли и пред 40 години што ќе се случува со светот денес?

Ѕинго: Имав среќа да поминам еден многу успешен образовен систем и имав професори со големо знаење и висока култура од кои многу научив и тие знаења ги проширував и усовршував непрекинато низ животот. Ја имав и таа можност да се дружам и да контактирам со луѓе во државата и надвор од неа со кои разменував сознанија и сѐ што имав можност да научам во животот го применував, а и им го пренесував на младите генерации. Покрај тоа, многу читав и следев. Човекот учи додека е жив. Поедноставено кажано, за едно општество се вели дека е успешно ако непрекинато се реформира. Тоа најлесно ќе го сфатите ако погледнете дека човекот од првобитната заедница, низ промена на општествените уредувања, стигна до капитализмот, но тоа не е крај. По него доаѓа социјализмот, па хуманизмот и така натаму. Во таа долга историја имало сили што сакале да го сопрат или забават природниот процес на менување и затоа доаѓа до крупни или полесни општествено-економски и социјални кризи. Капитализмот доживеа фијаско, а до вчера најразвиениот свет доживеа уназадување, стагнирање на сите полиња и продор на нови држави и народи. БРИК е очигледен пример. Ни еден паметен човек не можеше да верува дека можат да се случат такви налудничави процеси, но доколку се случи тоа, паметниот свет го знаеше епилогот и тој денес е тука со сите свои трагични последици.

 

Имате ли влијание во одлуките на сегашната десничарска влада, кои се типично левичарски, како на пример бањи и бесплатен превоз за пензионери?

Ѕинго: Социјалистичката партија на Македонија, на чиешто чело сум од 1995 година, најголемите судири со владите до 2006 година ги имаше во врска со прашања за трансформација на општествениот капитал, корупција, криминал, социјални реформи, во однос на реформи во економијата, која донесе огромна невработеност, беда, сиромаштија, нестабилност, загрозен суверенитет, кратко кажано хаос, бесперспективност, анархија и очај. За сето ова сум зборувал безброј пати, јасно, конкретно, со анализи, егзактни податоци и најдобар показател е стварноста, реалноста и состојбите што ги наследивме. Сето ова беше причината, практично, од 1995 година да тргнеме кон самостојниот пат што значи економски и социјални реформи и сочувување на државата од секој аспект. Со доаѓањето на Никола Груевски на чело на ВМРО-ДПМНЕ дојде до крупни идеолошки промени, посебно до промена во економската и во социјалната сфера. Добро се сеќавам дека во тој период дојдовме до неговата програма од која во 2006 година сите беа изненадени бидејќи во речиси сите полиња сосема се совпаѓаше со нашите програми. Посебно голем впечаток ни остави во социјалната и во економската сфера, во образованието, во културата и во здравството. Веднаш констатиравме дека се работи за идеален партнер и дека двете партии се обраќаат кон исто гласачко тело, а тоа се работниците, селаните и интелигенцијата. Јас не бев изненаден имајќи го предвид фактот од какво чесно, трудољубиво и патриотско семејство произлегува самиот Груевски. Неговото семејство својата егзистенција ја обезбедуваше со многу работа и труд. Растеше со деца на работници, на селани, се дружеше со напредни интелектуалци и не можеше да биде друго од тоа што е. Сѐ што презеде во социјалната сфера има голема поддршка, а и со задоволство е виден и посакуван гостин на сите наши свечености. Не само што имаме исклучително квалитетни програми, туку тие, од него како претседател на владата, доследно се реализираат во животот. Тоа е причината што шестпати едноподруго победуваме на избори, што луѓето масовно нѐ поддржуваат и имаат доверба во оваа влада и што таа во најтешки услови бележи успех на сите полиња.

Ljubisav-Ivanov-Dzingo-2

 

Верувате ли сѐ уште во социјалистичките идеи за кои се залагате цел живот?

Ѕинго: Во едно од претходните прашања зборував дека светот непрекинато се менува на секој план и тие промени не е во состојба никој да ги сопре, како и дека ниту еден од претходните системи не останал траен, туку, како што се развиваше науката, културата, новите крупни научни достигнувања се создаваа нови односи во општеството и го менуваа. Ако капитализмот е последниот доминантен систем (не го сметам таканаречениот државен административен систем, некои го нарекуваат комунистички, што не е точно, или социјалистички, што е бесмислица и затоа пропадна) се поставува прашањето како ќе го наречеме системот што доаѓа по капитализмот? Многу светски теоретичари и филозофи, меѓу кои најпознат е Маркс, го нарекол социјалистички, кој прво треба да дојде во земјите со најголема развиеност на производните сили, слобода, демократија и социјални достигнувања. Тоа е систем во кој многу капиталистички развиени земји веќе навлегуваат, во кој секој добива според вложениот труд, но и со такви социјални достигнувања во кои никој не гладува, социјалните програми обезбедуваат пристоен човечки живот. Тоа е систем во кој треба да дојде до прераспределба на националното богатство. Тој систем ќе го обезбедат новите техничко-технолошки достигнувања и новите научни достигнувања, што денес станува реалност. Отсекогаш сум се залагал за такви идеи и ден денес длабоко верувам во нив и сум подготвен да се обложам со секој дека времето што доаѓа ќе ги реализира. Во спротивно, нема друг пат и ќе дојде крај на светот.

 

Што беше подобро во социјализмот, а што сега?

Ѕинго: Од моите претходни одговори јасно е дека јас не сум живеел во социјалистички општествен систем, а ќе бев среќен да имаше таков за каков што зборував. Тогаш постоеше капиталистички систем со сите свои вредности како повеќепартиски систем и тоа, главно, на запад, и административен државен еднопартиски систем. Тој систем беше раководен од комунистичка партија со доминантна државна сопственост и власта беше во рацете на еден човек. Југословенскиот систем се разликуваше од другите такви системи по тоа што беше самоуправен систем. Самоуправувањето одигра значајна улога во спроведувањето на економските реформи. Работниците ги добија фабриките и ги управуваа нешто слично на акционерството. Сепак, работничкото самоуправување беше тоа што создаде интерес и стимулација кон поголема продуктивност, економичност и големо зголемување на производството во континуитет. Растеше националниот доход, инвестициите, вработувањето, извозот, а со тоа и имаше и пораст на стандардот. Друга карактеристика е што на мала врата се промовира социјалистичкиот сојуз како втора партија, многу внимателно и во голема мера контролирано, но како што одминуваше времето, сѐ повеќе се ослободуваше и се осамостојуваше, па и отворено често ги критикуваше постапките на СКМ. Трета карактеристика беше што профитот беше мерило за успешноста на една производна фирма и работниците слободно располагаа со него. Позитивно во тој систем беше тоа што имаше ред, дисциплина, сигурност, безбедност на високо ниво, немаше корупција, криминалот беше сведен во прифатливи размери, висока социјална обезбеденост, бесплатно школување и образование, значајна посветеност на културата, спортот, бесплатно бањско лекување, изградени работнички одморалишта, евтини комунални услуги (вода, електрична енергија, парно, сѐ беше евтино). Нашите граѓани без визи патуваа низ целиот свет, одмораа како во земјата така и во многу околни држави многу евтино поради високиот просек на личните доходи, националното богатство беше праведно распределено, наградувањето беше според придонесот, но со силна присутност на солидарноста. Сето ова беше овозможено со силни непрекинати реформи. Во 1980 година, кога застана реформата, настанаа кризите во сите сфери. Тоа беше позитивно во тој самоуправен систем. Денес тоа недостига во овој таканаречен недефиниран „капиталистички систем“. До голем хаос дојде во деведесеттите години од минатиот век, со голема лажна надеж дека ќе изградиме систем што ќе биде пандан на западниот, а постојниот на јуриш се уништуваше затоа што потсетувал на едно мрачно време. Со помош на меѓународната заедница и во договор со домашни мангупи, низ невиден криминал, корупција и уривачки нагон, за само неколку години беше ограбено, урнато, распродадено едно големо национално богатство созададено од нашите татковци. Со генерации и генерации тоа се создавало со ентузијазам, со пот, често со натчовечки напори. Тие што го градеа сето тоа, меѓу кои бев и самиот, укажавме, молевме дека тоа е злосторство во невидени размери и со непроценливи последици. Во 2006 година тоа безумие се запре. Се направи коалиција од партии и од луѓе што цврсто и непоколебливо решија да ја обноват државата од урнатините и со една мудра и упорна работа и доследна политика да се врати надежта кај народот. Сега се радуваме на обновеното, на новоизграденото, но јасно е дека лесно е да се урива, уништува, распродава во бесцена, а многу е тешко да се гради.

 

Вие сте сведок на многу настани од Социјалистичка Република Македонија. Можете ли да направите паралела како тогаш се однесуваше државата во однос на прашањето за името и тоа што ни се случува сега?

Ѕинго: Нашава држава и тогаш се викаше Република Македонија и беше во сојуз со уште пет републики и со две покраини. Сојузната држава се викаше Југославија, а сите републики имаа исти права и обврски, при што со договор, Устав и со закон беа уредени меѓусебните односи и интереси. Тоа беше држава со силна економија, со силна армија и со поголем број жители од соседните држави, со исклучок на Италија. Никој немаше смелост да покаже територијални претензии кон која било република или име на некоја република или јазик или идентитет. Обратно, Југославија на барање на републиките бараше на националностите во соседните држави да им ги признаат националните права, право на говор на свој јазик, да се изучува тој јазик во училиштата, да им се обезбеди рамноправна положба во државите во кои живееја. Во тој поглед, веднаш по 1945 година Бугарите дозволија Македонците од пиринскиот дел слободно да зборуваат македонски, нивните деца да учат на македонски јазик. Со Информбирото по судирот со Сталин, тоа беше укинато, но Југославија никогаш не го заборави тоа прашање и непрекинато го отвораше.

 

Како се однесуваше Грција тогаш? Имаше ли тогаш поинаква политика или се работи за континуитет?

Ѕинго: Граѓанската војна во Грција требаше да го реши македонското прашање. Приврзаниците на тоа политичко убедување ја загубија војната со помош на САД и на Англија и со Сталиновата помош, кој ја откажа поддршката и ги остави да се борат сами. За цело време од 1945 година до 1990 година на Грција не ѝ пречеше името, ниту имаше смелост да го оспорува. Тоа го направи со распадот на Југославија, однесувајќи се како велесила на Балканот, и црпеше моќ како членка на НАТО и на ЕУ правејќи ни блокади, непрекинато бараше сојузници во други балкански држави за да нѐ поделат и со текот на времето ги зголемуваше своите црвени линии. Веќе не е проблем само името, туку и јазикот, идентитетот, културата, историјата и што уште не. Со еден збор, нашето постоење. Голема опасност за нив е да се разбуди свеста на Македонците во Егејска Македонија. Нивните подли намери веќе го иритираат прогресивниот дел на светот и сѐ повеќе се осудува таа опасна политика на користење на правото на вето во НАТО и во ЕУ за да се спречи нашиот влез во овие организации, која може да го запали Балканот. Нашата влада води умерена и мудра политика и со тоа го придобивме светското јавно мислење. Таа е подготвена на разговори, но кога е во прашање името, јазикот, идентитетот, нема место за какви било отстапки. Таквата политика СПМ цврсто ја поддржува.

Ljubisav-Ivanov-Dzingo-3

 

Какви беа Вашите односи со највисоките југословенски раководители Едвард Кардељ, Стане Доланц и другите?

Ѕинго: Јас студирав рударски факултет во Белград. Во политиката влегов со изборот за партиски секретар на СКМ во основната организација при кумановската гимназија во 1955 година. Моето досие беше испратено до универзитетскиот комитет на СК во Белград. Таму веднаш бев вклучен во партиски тела и во разни комисии при Универзитетот и Рударскиот факултет. На состаноците на овие тела доаѓаат високи политички функционери од кои најголем впечаток ми оставија Вељко Влаховиќ, Александар Ранковиќ и Милош Миниќ и не сум имал лични контакти со Едвард Кардељ и со Стане Доланц. Сум ги гледал во близина, но не сум имал блиски односи. Подоцна имав чести контакти со многу политички фактори со членување во разни тела на Федерацијата и во соборот на народите. Посебни односи имав со Анте Марковиќ, кој длабоко ми остана во сеќавање како голем стручњак, политичар и човек.

 

Какви беа Вашите контакти со белиот двор на Тито и што мислите за него од оваа временска дистанца?

Ѕинго: Со Јосип Броз – Тито сум имал четири контакти како пратеник и како стопанственик. За Тито е многу пишувано и зборувано и денес тоа продолжува, а и во иднина – тој е светски човек како политичар и државник. Јас го ставам рамо до рамо со еден Черчил, Рузвелт, Сталин, а далеку е пред Мао Ѕе Дунг, Де Гол, Нехру и други. Ние Македонците посебно треба да го почитуваме, цениме и славиме. Неговата заслуга за тоа што сме денес е непроценлива и неизмерна за тоа што тој го направи во однос на нас Македонците. Јас имам свое мислење, кое почива на некои сознанија и на мојот разум и логика, и во некоја друга пригода ќе го соопштам. Лично мислам дека југословенската држава не секој план ја водеше исклучително успешно и ги преброди сите опасности. Го надмудри великанот Черчил и остана до крај пријател со него, што е нешто големо. Не потклекнува под директниот притисок што дојде од најголемиот диктатор во тоа време, Сталин. Создаде генерални идеи со неврзаните и со тоа обезбеди место до најголемите и моќни светски државници, отвори огромни пазари за нашите производи и услуги. Во целиот свет уживаше голем углед и авторитет. Сето ова, а и другото, го направи кога имаше сила, снага, здравје и бистра свест, која, очигледно, се смалуваше со годините и во тој период направи неколку крупни грешки. Првата грешка е колективното претседателство, какво што нема никаде во светот, а нема затоа што такво тело не може да функционира и нема морална, кривична или каква било одговорност, а настаните подоцна во целост го потврдија сето ова. Мораше и требаше во тој систем да остави наследник, на пример еден Анте Марковиќ би бил вистинска и успешна замена, а такви луѓе меѓу 25 милиона граѓани можеа да се најдат во голем број. Втората грешка е Уставот од 1974 година, кој му го подметнаа како кукавично јајце. Со тој Устав се удрија темелите за распад на државата. Многу умни луѓе укажуваа на опасностите по државата, но не можеа да дојдат до него затоа што тој ја направи третата грешка, дозволи да го изолираат, па дури и да го одвојат од сопствената сопруга, и последната грешка, која доаѓа како резултат на претходните, ги запре реформите на економски и на политички план, а сето тоа ги предизвика сите облици на кризи. Со еден збор, требаше да се повлече во вистински момент и да доведе силна личност на чело на државата, кој ќе обезбеди прилив на паричен капитал и влез на Југославија во НАТО и во ЕУ.

 

Многумина сега ги обвинуваат Лазар Колишевски и другите македонски раководители за попустливост кон Белград и за недостиг од одлуки што би биле од исклучително македонски интереси.

Ѕинго: Кога го споменавме Лазар Колишевски, веднаш ќе ви кажам дека ми бил еден од најдобрите пријатели и се гордеам со тоа. Него го запознав во 1963 година, кога ненадејно дојде во Кратово, во „Силекс“. Разбрал дека е дојден еден млад инженер, кој со свои иновации, технички и технолошки современи и стручни решенија и со мали инвестиции производството е зголемено за 100 проценти. Тој дојде со тројца луѓе и со еден стар џип за го посети рудникот „Силекс“ и беше одушевен од тоа што го виде. Во рудникот беа вработени повеќе од 1.000 рудари и тие спонтано, со аплаузи, го поздравуваа, а посакаа и да разговараат со него. Седнаа на една косина, а тој им зборуваше за развојот на стопанството, за вложување во истражување на рудното богатство, за местото и за улогата на Југославија во светот и на Македонија во Југославија, за самоуправувањето, за неговата улога и значење за развојот на науката и на стопанството. Кога го заврши говорот доживеа голем аплауз и овации и спонтани извици: Тито, Лазо. Еден стар рудар стана и го замоли почесто да ги посетува и да разговараат. Бев многу млад и тој беше одушевен од тоа што на тие години влегувам толку смело во инвестициски ризици, ме охрабри и со внимание ме слушаше за моите идеи и како ќе ги реализирам. Така почна нашето пријателство, кое траеше до крајот на неговиот живот. Тој беше исклучително чесен, морален човек, со ретка скромност, кој многу читаше, учеше и се едуцираше. Беше еден од ретките, кој на Тито отворено му укажуваше на грешките, неколку пати се повлекуваше од јавниот живот, а народот го враќаше. Исклучително ги сакаше Македонија и македонскиот народ и од самиот почеток се вградуваше себеси во неа. Уживаше огромно почитување во Федерацијата, тој е носител на предлогот за оформување на фондот за развој на неразвиените, кој одигра пресудна улога во развојот на нашата држава. Пред 1945 година немаше ништо изградено, немаше индустрија, имаше заостанато земјоделско производство и неколку тутунски монополи. Ако ја погледаме Р. Македонија во деведесеттите години од дваесеттиот век ќе видиме какво чудо беше направено, огромна индустрија, развиено рударство, модерно земјоделство, силна инфраструктура, образование, здравство, култура, сето тоа го направи македонскиот народ, но со силна помош на Југославија. Во таа голема држава имавме голем пазар со висока потрошувачка, бевме среќни и безбедни, бевме почитувани, уважувани, немавме спор со ниедна република, имавме силна поддршка во сојузните органи и во самиот Тито, а, пак, ние со својата политика и однесување со сите градевме добри односи. Крајно неточни се некои тврдења дека ние сме го граделе Белград. Прашуваме со што, кога влеговме голи, боси, сиромашни, без стопански капацитети, без кадри, но со голем ентузијазам да успееме и да ја изградиме Македонија. Во тоа успеавме благодарение на градителската генерација, што не може да се каже за тоа што дојде по деведесеттите години на минатиот век. Јас со голема почит се однесувам кон тие луѓе и чест ми е и задоволство што сум соработувал со нив. За нив имам само едно големо благодарам. Низ револуцијата ја создадовме државата и плативме голема цена со човечки животи, но тоа не ќе беше тоа што беше ако ги немавме тие великани што ја градеа и изградија Македонија на сите полиња и се вградија во неа.

 

Каков беше Вашиот однос со Киро Глигоров, имавте ли недоразбирања, се консултираше ли со Вас за одлуките што ги донесуваше?

Ѕинго: Со Киро Глигоров се запознав како студент во Белград и веднаш воспоставив пријателски односи. Тој беше на разни функции во органите на федерацијата и беше многу ценет како политичар и стручњак. Тито имаше силна доверба во него и со негова поддршка беше на многу високи функции како што е претседател на југословенскиот парламент, министер за финансии, одговорен по економски прашања во ЦК на СКЈ. Тој не беше во добри односи со Колишевски, иако и со двајцата бев пријател никогаш не сум се интересирал за нивните односи, ниту, пак, тие покажувале незадоволство што со двајцата одржувам блиски пријателски односи и пред мене не зборуваа еден за друг. Подоцна, кога го почнав развојот на компанијата „Силекс“, често одев во Белград кај Киро Глигоров за да разменам мислења, а и да дознаам од прва рака каква економска политика ќе се води во Југославија. Тој секогаш кога ќе дојдеше во Македонија доаѓаше во приватна посета во Кратово и тие средби беа срдечни и корисни. Кога дојде до распад на Југославија со него, на негово барање, се сретнав во Охрид, во хотелот „Силекс“, и еден цел ден посветивме на прашањето што потоа и во каква состојба ќе се најде нашата република. Тогаш го замолив и му кажав дека во тие неизвесни и крајно непредвидливи настани од голема корист ќе биде негово комплетно ангажирање како искусен и докажан човек и политичар во создавање на независна и суверена Република Македонија. Јас во границите на моите можности упорно работев и лобирав тој да застане на чело на државата. Настаните драматично се одвиваа, се закануваше опасност, и тоа сериозна, и во Македонија да избегаат од контрола. Во тој момент немавме поповолна личност од него, со углед, знаење, вештина и искуство. Како што е познато, во парламентот не беше избран во првиот круг, а јас бев претседател на изборната комисија и тогаш, пред сите пратеници и пред целата македонска јавност, соопштувајќи го неуспешниот избор, ја кажав познатата реченица: „А сега господ нека ти помогне“. Такво неодговорно однесување на дел од пратениците предизвика силен револт во јавноста и во вториот круг, со одредени компромиси, какви што знаеше да направи, Глигоров беше избран со огромно мнозинство.

 

Денес, од оваа дистанца, сметам дека тоа беше најдоброто решение, во спротивно ќе имаше војна со страшни последици. Тој во најкритичните моменти знаеше да повлече вистински потези. Јас во континуитет одржував добри односи со него и често се среќавав и знаеше да се консултира за многу прашања од економската сфера, особено во почетокот, но подоцна, поради преангажираност, а и со немилиот настан – атентатот, сѐ помалку имаше време за средби, но до неговата смрт одржувавме коректни и пријателски односи. Тој беше чесен човек, ја сакаше Македонија, но, според мене, беше опкружен со погрешни луѓе, особено од универзитетската фела и беше потребно малку за да го загуби животот. Според моето длабоко убедување, нарачатели беа македонски криминални структури, а извршителите беа надворешни

Ljubisav-Ivanov-Dzingo-5

Кога Ви се случиле најголемите предизвици во животот, во независна Македонија или во претходниот систем?

Ѕинго: Во животот бев исправен пред многу предизвици, ќе изнесам само неколку. Постоеше голем предизвик, да го напуштам понуденото асистентско место на Рударскиот факултет во Белград и да појдам да работам во една општина што беше во изумирање поради огромната миграција, заостанатост по сите основи, оптоварена со примитивизам, оставена и заборавена од сите. Такво беше Кратово во 1962 година, без стручни кадри, без материјална база, каде што сите беа невработени, со исклучително неразвиена инфраструктура, заборавено и од господ и од власта. Немаше ниту еден стопански капацитет, само беше откриено дека на планината Црн Врв се наоѓа силекскварцит, а немаше некој со соодветно образование да дојде и да го доистражи, да разработи методи на експлоатација и да најде начин за преработка. Тоа беше време кога немаше инженери, техничари, квалификувани рудари, машинобравари, механичари. Немаше школувана или на кој било начин квалификувана работна сила, требаше да се почне од ништо и да се направи нешто големо, значајно, што ќе дава крупни ефекти. Тоа можеше да го прифати само човек што веруваше во себе и што имаше доверба во своите сограѓани и што имаше љубов кон својот крај. Имав знаења, храброст и идеи како да успеам. Како да ги реализирам моите замисли, како да ги претворам во дела, како да ги избегнам сите стапици и да ги надминам пречките, тоа беше тежок пат, но со голем труд и пот го изодив тој пат и го крунисав со големи успеси. Во 1990 година Кратово речиси немаше невработени, компанијата „Силекс“ израсна во гигант, работеа десетина рудници, се отворија 12 индустриски капацитети, се разви градежништвото, трговијата на големо и на мало, земјоделството, се отворија банка, телевизија, угостителство и други дејности во кои работеа преку 4.000 работника и годишно се издвојуваше профит и до 40 милиони германски марки. За такви гигантски успеси ги добив сите награди и одликувања, па и највисоката награда „АВНОЈ“. Секое инвестициско вложување претставуваше своевиден предизвик, секое погрешно инвестирање не можеше да заврши со фијаско, секое влегување во нови дејности не можеше да заврши со фијаско. Сам ги донесував одлуките, но и сам ја носев одговорноста, ризикував, ама со стручни студии и анализи, кои самиот ги правев, тие ризици ги сведував на минимум, а предизвикот го прифаќав само кога во мојата свест ќе се согледаше решението и кога мојот разум ќе го прифатеше тоа. Секое време носи предизвици и во независна Македонија често бев изложен на нив како во економска сфера, така и во политичката. Времето и просторот не ми дозволуваат да ги набројувам овој пат.

 

Да можевте сами да решавате за начинот на кој се развива Македонија, што ќе направевте поинаку?

Ѕинго: Јас непрекинато, еве 20 години, во парламентот и во пишаните и во електронските медиуми зборував што се прави погрешно, а што треба да се направи, и овој пат на кратко ќе ги изнесам моите погледи, ставови, предлози и идеи. За мене најзначајна работа за една држава е економијата. Тоа мое сознание би го наметнал насекаде и околу неговото реализирање би ги вклучил најспособните, најкреативни кадри, подготвени целосно да се ангажираат не жалејќи труд и време и кои веќе се докажале во тие области. Ако тоа сознание продре длабоко во свеста на луѓето, тогаш сите други, според своите можности, ќе го дадат својот придонес и тој збор ќе претставува огромна моќ што ќе предизвика широко задоволство и расположение, како и погодна клима за економски процеси. Со тоа би се елиминирала големата грешка што се направи со ангажирање партиски, а не способни кадри и со занимавањето со периферни проблеми, криминал и корупција, „сѐ во име на пaртијата“ и „наводно, за партијата“. Потоа, ќе ги одредев стратегиските цели и како да се стигне до нив, со кои средства и со кое темпо на реализација. Трето, ако е еден модел на општествен систем, во конкретниот наш случај, самоуправниот општествен систем, повеќе не е одржлив во таа форма и облик, би предвидел време и начин на неговата трансформација. Притоа, ако сопственоста е главната пречка на таа трансформација, тогаш таа би се трансформирала од општествена во државна, но на начин и во таа форма што ќе даде позитивни ефекти не бегајќи ни од државната, ако се обезбедат квалитетни и докажани менаџери, но ни од приватната сопственоста aко се обезбедат сигурни гаранции дека вложениот капитал ќе го врати производствениот капацитет и дека понатаму ќе го доразвива и дека нема да отпушта работници, туку дека вишокот ќе го ангажира во дополнително производство во наредните пет години. Слично нешто прави Кина и доживува невидена експанзија. Не ја прифаќам тезата дека само приватниот сектор е тој што носи профит и развој. Тоа беше погубна теза и на јуриш, избрзано, неодговорно и недозволено се распродаде едно големо национално богатство. Таканаречените златни кокошки, кои во секоја земја создаваат висок профити, во никој случај не би ги приватизирал, или би дозволил да влезе приватен капитал само до 49 проценти, и сите средства добиени по таа основа би оделе во развој на стопанството. Четврто, средствата добиени со приватизацијата на општествениот капитал не би дозволил да одат во буџетот, а оттаму, во потрошувачката за плати, туку на посебна фондовска сметка за развој на стратегиските гранки и цели со што капиталот би се оплодувал. Секоја производствена единица би ја ставил под стручна анализа, посебно тие производни фирми што прават загуби. Стручните анализи треба да покажат од каде доаѓа таа загуба и што треба да се исправи за да се елиминираат причините за загубата. Тие можат да бидат од различен карактер. За сѐ има решение. Стечајот е крајна мера и тој треба да се заврши за кратко време и корисно. Стечајните раководители требаше да бидат искусни и способни стопанственици, кои место ликвидација ќе го ефектуираат производствениот капацитет. Со ваквиот начин на решавање на проблемите, невработеноста не би се појавила во вакви размери какви што имавме, но доколку се појави, со силни стимулативни средства би ја развивал лесната индустрија, односно, трудовоинтензивна дејност. Каде што со малку пари може да се вработат неквалификувани работници, кои со кратка обука здобиваат знаење и потребна вештина. За мене како стратегиски гранки би биле земјоделството, рударството и производството на енергенти. При крајот на 20 век 90 проценти од обработливите површини беа во приватен сектор, а само 10 проценти во општествена сопственост. Со закон би го уредил користењето на земјиштето, со што секоја педа земја мора да се стави во нормална функција. Земјоделските комбинати не би ги приватизирал, но кадровски и технички би ги опремил да бидат носители на развојот на приватниот сектор за основни суровини и мали преработувачки капацитети. Стратегиска гранка би била развојот на рударската дејност во експлоатација во метали и на неметали. Државните средства би ги ангажирал во истражување, при отворање рудници би ангажирал и странски капитал, откако ќе се повратат вложените средства во истражување. Би овозможил и странски вложувања во фазата на истражување под строг надзор на органите за истражување. Не би додал ништо во сегашните закони за привлекување странски инвестиции. Сегашната влада ги направи условите многу стимулативни и привлечни, но би ги лоцирал зоните надвор од обработливите површини. Земјата ќе ни треба за производство на храна. Во трговијата на мало не би форсирал изградба на големи трговски центри низ кои се одлива огромен капитал, а и тие ги задушуваат малите дуќани и ја зголемуваат невработеноста. Не би приватизирал ниту една банка. Приватните банки не даваат свеж капитал, ги собираат штедните влогови од граѓаните и со нив создаваат профит, кој го носат надвор. Имам уште многу идеи и решенија, но многу од нив оваа влада ги реализираше. Тие што не се реализирани е невозможно да се реализираат бидејќи претходните влади, практично, го оневозможија тоа со крупните грешки. Еве времето покажа кој беше во право, а крајните негативни последици сите ги сносиме и трпиме.

 

 

Разговараше: Ненад Мирчевски

Фото: Александар Ивановски

(Интервјуто со Љубисав Иванов – Ѕинго е објавено во 66. број на неделникот Република и e превземено од истиот)

 

Comments are closed.