Ставови на СПМ за актуелните политички состојби во земјата

SPM LOGO

Социјалистичката партија на Македонија како најстара политичка партија во Македонија, основана во 1892 година, непрекинато дејствува на македонската политичка сцена подолго од 125 години.

СПМ потекнува од народот и секогаш е со народот, изворно застапувајќи ги неговите интереси, стремежи и желби.

Во изминатите години СПМ дејствува одговорно и посветено во оставрувањето на државноста и без колебање стоеше на браникот на националните и државни интереси.

Основните општински организации на СПМ во РМ непрекинато со сета политичка сериозност, загриженост и одговорност расправаа и сега уште пожестоко тоа го прават низ една непрекината расправа а во врска со преговорите за промена на нашето уставно име со Грција во рамките на ООН енергично бараа од највисоките тела при СПМ со сета сериозност да укажат на следното:

I

1.    Република Македонија се соочува со продлабочена политичка криза и со најсериозни напади на нејзиниот суверенитет и интегритет, што се согледува во дејстувањето на внатрешни и надворешни сили за да го промени името на државата и идентитетот на македонскиот народ.

2.    СПМ изразува незадоволство од досегашните преговори што се  водат  со претставниците од соседна Грција. Барањата од Грција за промена на името и за севкупна негова употреба (erga omnes), за промена на Уставот и на идентитетот на народот се целосно неприфатливи и треба да бидат отфрлени и прекинати.

3.    СПМ бара да се прекинат преговорите со соседна Грција кои се водат повеќе од 20 години без резултат, бидејќи од нас надвор од времената спогодба која Грција не ја ратификува се бара да се самоуништиме како нација што е своевиден геноцид. Бидејќи Република Македонија е призната од 137 земји членки во Обединетите нации, СПМ предлага Р.Македонија да бара измена на Резолуцијата 817 при Обединетите нации со која што Р.Македонија е примена во ОН со привремената референца ПЈРМ и прифаќање на уставното име на Република Македонија. Имајќи предвид дека 2/3 од државите не признале под името Република Македонија по автоматизам, тоа име да се регистрира како официјално име на државата во Обединетите нации. Таквото барање е во согласност со Повелбата и другите нејзини акти за заштита на човековите права и слободи, следствено на тоа и правото на самоидентификација. Имајќи го ова предвид СПМ инсистира на доследно почитување на меѓународното право и меѓународно преземените обврски од сите држави, бидејќи тие даваат предвидливост и сигурност во светскиот напредок, но и рамноправност меѓу државите и народите. Посебно треба да се користи одлуката на  Меѓународниот суд за правдата формиран од ООН.

4.    СПМ оценува дека несогледливи се последиците кои ќе произлезат од наметнатите решенија за Македонија. Тоа се случува во континуитет од донесувањето на геноцидната Декларација на Европскиот совет од Лисабон во 1992 година, со која под притисок на Грција ни забранија користење на името на државата, па до денес. Затоа треба да се побара извинување и материјално обесштетување од ЕУ (Европска Унија).

5.    Блокадите, а особено Трговското ембарго на Грција кон Македонија   воведено еднострано во 1994 и кое траеше 18 месеци и нанесоа материјална штета од над две милијарди долари таа штета не е надоместена и треба да се побара надоместок од Грција, односно од Европската унија каде Грција е земја членка. Ембаргото беше воведено  поради несогласување со името и знамето на Република Македонија и го покажува континуитетот на блокадите кои сеуште постојат во поглед на членството на Македонија во евроатланските структури и покрај пресудата на Меѓународниот суд во Хаг со која и се наложува на Грција да престане со такви блокади. Сега на преговарачката маса горенаведените и други барања треба да се изнесат аргументирано и логично, и да се побара и договори обемот и начинот на исплата.

6.    Последиците од граѓанската војна во Грција од 1946 до 1949 година сеуште се присутни, а најмногу се изразуваат кај протераните македонци од територијата на Грција на кои не им е дозволено да се вратат во своите домови и на кои насилно им се одземени имотите, за кои не се признава нивното постоење и легалните барања со цел за негација на македонскиот идентитет на овие луѓе. Тие имаат полно право на повраток на имотот кој им е одземен, а кое право не застарува и покрај промените во Грција, промена на власта, на топонимиите на населените места и други оспорувања кои се присутни и кои во континуитет продолжуваат.

Сето горенаведено треба да биде предмет на преговори како што бара ЕУ ниедно билатерално прашање не  смее да остане нерасчистено.

7.    Постоењето на македонско население во Грција е оспорувано од грчката држава, иако во 1925 година е издаден Абецедар односно Буквар на македонски јазик за македонското национално малцинство во Грција за едуцирање на македонското население, кој подоцна е забранет, а повторно е препечатен во 2006 година. И покрај тоа се оспорува постоење на македонскиот идентитет во оваа држава.

8.    СПМ потсетува на Извештајот на Карнегиевата комисија кој потврдува дека врз македонското население во Грција е извршен геноцид и дека пристапот кон ова прашање има долготрен континуитет во грчката политика кон македонците, а во денешни услови продолжува и кон државата Република Македонија. Геноцидите после првата и втората светска војна мора да се расчистат и обештети македонскиот народ а и да му се овозможи да зборува, пишува и учи на свој мајчин јазик и ова треба да биде предмет на преговорите и начин како да се обесштетат протераните, со сила расселените, убиените и прогонетите низ грчките острови.

9.    СПМ укажува дека во светската историја не се среќава пример во кој од еден народ се бара да се самоуништи, да си го промени името, идентитетот, корените, историјата, јазикот и се што го обликува македонскиот код на постоење, а се заради апсурдни барања на друг народ и држава. Тоа во 21 век е непојмливо и неприфалтиво за цивилизираниот свет.

10.    Предлозите кои се најавувани од Грција се сумарен концепт на негација на се што е македонско. Сето горе кажано не смее да се игнорира и премолчува во разговорите што се водат околу разликите за името на нашата држава. Притоа треба да се бара репроцитет ако сакаме да имаме трајни добрососедски односи и доверба. Без реципроцитет секој Договор е невалиден. Сето ова мора да дојде на преговарачка маса.

11.    СПМ смета дека договорот што би го склучила било која влада со која се менува името на држвата и идентитетот на народот е ништожен и секоја наредна влада што ќе се формира треба да го поништи и укине. Ова јасно и навреме го укажуваме, затоа што ќе предизвика огромни проблеми со несогледиви последици.

12.     Непочитувањето на пресудата на Меѓународниот суд во Хат, како и уцените за промени што ни се наметнуваат, или нема евроинтеграции се апсурдни. Таквиот однос е меѓународен срам и скандал за уценувачите.

13.    Никој, ама токму никој, нема уставно овластување ниту мандат да одлучува за промена на името и идентитетот. Секој што ќе преземе такви чекори врши национално велепредавство и треба да биде најстрого казнет. Сведоци сме дека преговорите ги водат неовластени лица што е недопустливо и се создава хаос посебно од домашни лица, дека со сето тоа си обезбедуваат свој материјален интерес.

14.    Предлозите дека народот ќе одлучи на референдум, исто така, не се засновани ниту на Устав, ниту на закон. Не постојат одредби што му дозолуваат било кому преку референдум да одлучува за промената на името на државата, а особено одредбите за идентитетот. Тоа не е во надлежност на власта и на Собранието на Република Македонија. Решавањето на ова прашање вонинституционално и вонуставно, секако ќе доведе до сериозни потреси и конфликти во државата со несогледливи и трајни несакани последици.

II

1.    Кризата што е создадена ја поткопува довербата, ги парализира институциите, го менува односот на граѓаните кон власта, а особено кон судството. Граѓаните имаат право на уредени односи и на државни институции во кои ќе имаат доверба. Од политички причини неоправдано долго се држат во притвор пратеници и невини граѓани-патриоти, заради што е блокирана работата на Собранието, а со тоа наместо помирување и обединување околу националните и државни интереси се зголемуваат тензиите и желбата за реваншизам. Тоа уште повеќе ја слабее државата.

2.    Со Законот за употреба на јазиците или законот за двојазичост, се урива темелниот принцип на државата и се поткопува нејзината унитарност. Затоа СПМ се залага за почитување на одлуките од АСНОМ каде со акт со државотворно значење, македонскиот јазик се воведе како службен јазик на македонската држава. Со тоа е потврден идентитетот на македонскиот народ како носител на државниот суверенитет и единствен конститутивен елемент на македонската држава и со што се исклучува двојазичноста на државната територија на Македонија. Одлуките на АСНОМ не смее да се игнорираат. Тие се трајни и непроменливи.

3.    Секој закон или било кој друг акт што е спротивен на Уставот е ништожен. Уставниот суд е тој што треба да се спротивстави на секое кршење на Уставот.

4.    За прашањето околу спорот со името и други слични прашања СПМ предлага во парламентот да се формира национално тело од афирмирани и угледни интелектуалци и професионалци кое ќе предлага решенија за решавање на прашања кои предизвикуваат спорови и тензии и ќе предлага „црвени линии“ за односите и преговорите со други држави. Тоа тело ќе ги застапува сите релевантни политички чинители и партии во државата, без разлика на кое ниво на власт се наоѓаат.

5.    СПМ им дава целосна поддршка на сите иницијативи на граѓани и организации чии ставови се слични или идентични со горенаведените.

6.    СПМ за овие ставови и заклучоци ќе ги извести сите надлежни органи и институции во државата, политичките организации, претставниците на странските држави и меѓународни организации и асоцијации, како и евроатлантските организации.

Comments are closed.