Соопштение на СПМ

SPM LOGO

Социјалистичката партија на Македонија со чувство на историска одговорност ја изразува својата сериозна загриженост од последните случувања поврзани со изјавите за можноста за менување на името на нашата Држава.
Особено е загрижувачка леснотијата со која се отвара ова прашање од страна на политичките фактори кои во овој момент ја имаат одговорноста за носење одлуки.
Напоменуваме дека е потребно тие да го имаат и чувството за историската, државната и национална одговорност, особено за прашањата кои на најнепосреден начин задираат во самата суштина на постоење на македонскиот народ и македонската Држава.
Никој по ниту една основа нема стекнато право, ниту за тоа има било каква согласност и не смее да ги отвара овие прашања, затоа што тие се веќе оддамна апсолвирани.
Социјалистичката партија на Македонија и во оваа прилика го повторува својот конзистентен став за неприфатливост на навредливиот акроним за Република Македонија, односно цврстиот став за непроменливост на уставното име на Република Македонија, по ниту една цена.
Со разбирање за нашите безбедносно-сигурносни мотиви, односно цели за зачленување во НАТО сметаме дека тоа е потребно да се случи исклучиво под уставното име, за што е неопходна соодветна атмосфера во која ќе се стекнат потребните услови за тоа.
Истовремено, напоменуваме дека, после сите досегашни позитивни Извештаи со препорака, макар и условени, за отпочнувањето на преговорите за членство на Република Македонија во Европската Унија треба да се случи исклучиво со прифаќање на уставното име на државата. Затоа што Република Македонија до сега ги има исполнето сите критериуми за отпочнување на преговорите, многу одамна и многу повеќе од држави кои веќе се членки на ЕУ.
Во услови кога, држави основачи и членки на Европската Унија ја напуштаат и се откажуваат од членството, со што се создава нова перцепција за нејзината иднина, неприфатливо е поттикнувањето и неразумната подготвеност од одредени домашни политички кругови за отварање на процесот за премостување на наметнатиот спор со уставното име на Република Македонија.
Во услови кога најголем број на држави членки на ООН ја признаваат Република Македонија под нејзиното уставно име било какво отварање на ова прашање би било исклучиво на штета на Република Македонија, нејзините граѓани и на македонскиот народ, неговиот јазик, историја и култура.
Социјалистичката партија на Македонија со сета сериозност предупредува на исклучителната опасност од започнувањето на овие процеси.
Истовремено, Социјалистичката партија на Македонија укажува и на чувствителноста на ова прашање за македонските граѓани, особено кај македонскиот народ, за кој што сметаме дека нема да остане нем набљудувач и безгласен на очигледниот обид за преименување на неговата единствена држава и неговото бришење од листата на народите.

Comments are closed.