Ставови на СПМ за Манифестот за Единствена Република Македонија

SPM LOGO

Социјалистичката партија на Македонија смета дека Манифестот за Единствена Република Македонија претставува документ со добра основа со кој ќе се отвори широка расправа за надминување на новонастанатата ситуација на длабока политичка криза со сè поизразена подделба меѓу граѓаните и националното ткиво на македонскиот народ, како и во градењето доверба за пронаоѓање на излезните решенија.

Оттаму, Социјалистичката партија на Македонија, давајќи ја поддршката на Манифестот, цени дека е потребно тој да се надополни со историски државотворните решенија од најголемо значење за Република Македонија, што трајно обврзуваат и со кои е изразена суверената волја на македонскиот народ и националните малцинства за создавањето на македонската Држава, соддржани во одлуките и документите на Првото заседание на АСНОМ од 2 август 1944 година и се дел од сеопфатна македонска Платформа за одбрана на виталните, националните и државни интереси, иницирана од Социјалистичката партија на Македонија на 31 јануари оваа година.

Како историски факт, не смее да се зборави дека за современа Република Македонија, преку двете Декларации и Уставот од 1991 година, се изразува сувереноста, независноста и територијалниот интегритет на македонската држава, сè до нејзиното уставно конституирање како суверена, самостојна, граѓанска и демократска држава во која е воспоставено и изградено владеењето на правото како темелен систем на власта, во која се  гарантираат човековите права, граѓанските слободи и националната рамноправност, се обезбедува мир и сожителство на македонскиот народ со националностите кои живеат во Република Македонија и се обезбедува социјална правда, економска благосостојба и напредок на личниот и заедничкиот живот.

Во оваа прилика, Социјалистичката партија на Македонија особено напоменува на развивањето на нов демократски процес изразен преку граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“, сега веќе преточен во општонародно движење, кое изминативе месец и половина со загрженост од загрозеноста на народната волја, демократијата и националните и државните интереси испраќа силни пораки од големо значење за Македонија, македонскиот народ и сите граѓани во Република Македонија и што треба да претставува опомена за сите политички субјекти.

Ова општонародно движење, составено од сите профили и возраст на луѓе, од сите националности кои живеат во Република Македонија со својата масовност и сета своја сериозност остава длабока трага во македонското општество, како и во политиката и несомнено веќе претставува составен дел од решавањето на проблемите поврзани со состојбите во државата и градењето на нејзината иднина според волјата на граѓаните и на македонскиот народ.

Социјалистичката партија на Македонија, со чувството за историска одговорност, го поддржува Манифестот „За Единствена Република Македонија“ повикувајќи ги и останатите политички партии и сите останати фактори да го прифатат и да се придружат кон крајната цел за конечно надминување на политичката криза, но и во заедничкото создавање на услови за градење на просперитетна држава на сите граѓани, за сигурен заеднички живот, за заеднички економски развој, за надминување на постоечките разлики по секоја основа и во градењето на потребното македонско единство за доброто на сите граѓани, македонскиот народ и македонската држава како заедничка Татковина за сите.

Comments are closed.