ИНИЦИЈАТИВА на Социјалистичката партија на Македонија за изработка на сеопфатна македонска Платформа за одбраната на виталните национални и државни интереси

SPM LOGO
Република Македонија повеќе години наназад се соочува со загрижувачка политичка криза креирана од надворешни центри на моќ.
Социјалистичката партија на Македонија подолго време и повеќе пати укажуваше на овие состојби и опасноста од разградување на нашата држава, според сценарио веќе видено не само во Македонија, туку и пошироко во Европа.

Поаѓајќи од овие состојби, Социјалистичка партија на Македонија, чувствувајќи историска одговорност ги повикува сите политички субјекти во Република Македонија, со поддршка на целиот македонски народ, да се изготви сеопфатна македонска Платформа за опстанок и развој на нашата држава.

Државата ни е во опасност.

Како кулминација на сите настани во изминатиот период се појави крајно опасната Платформа на албанските политички партии во Република Македонија, креирана во соседна Албанија, со активно учество на албанската држава и раководство. Оваа Платформа е без чувство за одговорност за мирот и стабилноста на Балканот, инспирирана од други надворешни сили кои до сега и сеуште учествуваат во дестабилизација на Република Македонија и во нејзиното уништување.

Ваквото мешање во внатрешните работи на Република Македонија на било кој од надвор во нашата земја претставува преседан во светската политика и ќе доведе до војни судири од големи размери, големи жртви и пролевање на крв, невиден егзодус, страдања и уништување на материјалните добра.

Социјалистичката партија на Македонија е длабоко загрижена за судбината на нашата држава и повикува на обединување на македонскиот народ и другите народности во Република Македонија, кои си ја сакаат и почитуваат оваа држава во која живеат, да го поддржат изготувањето на сеопфатна, конкретна и прецизна Платформа.

Таа мора да биде во согласност со Уставот и во неа мора да бидат наведени сите прашања кои се однесуваат на нашето внатрешно уредување, безбедносниот карактер, функционирањето на институциите, јазикот, името, културата, историјата, економијата и надворешната политика.

Во таа Платформа  мора да бидат наведени сите црвени линии преку кои никој во земјата не смее и не може да премине.

Социјалистичката партија на Македонија подвлекува дека особена одговорност за овие прашања имаат двете најголеми политички партии ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, кои предводат две големи коалиции.

Социјалистичката партија на Македонија е подготвена да организира средби од кои ќе произлезат усогласени решенија за Платформата.

Инсистираме оваа наша сериозна иницијатива ќе биде итно разгледана во двете политички партии и во рок од пет дена да не известат за нивната согласност по што би пристапиле кон понатамошни подготовки.

Состојбите се драматични и бараат сериозно однесување и брзо делување.

Во спротивно, секој ќе мора да ја понесе својата одговорност пред историјата и македонскиот народ.

Го очекуваме вашиот став по нашата иницијатива.

Comments are closed.