СЈО – Предмет „Пуч“

1

Социјалистичката партија на Македонија одлуката на Специјалното јавно обвинителство за повлекување од случајот „Пуч“ ја смета за недостојна за орган кој е формиран за правно расчистување на две и пол годишната политичка криза наметната од страна на опозицијата. Меѓу останатото, основата за разрешување на наметнатата криза се состои и во правното расветлување низ институциите на правниот систем за иницијаторите, нарачателите и носителите на прислушкувањето на граѓаните во Република Македонија. Со оваа срамна одлука, сметаме дека Специјалното јавно обвинителство дрско го понижи целиот правен систем во Република Македонија. Специјалното јавно обвинителство е должно и законски обврзано пред македонската јавност да ја образложи својата политички мотивирана одлука за повлекување од случајот „Пуч“. Со одлуката за повлекување од предметот „Пуч“, за кој по секоја цена настојуваше да го води, Специјалното јавно обвинителство повеќе нема легитимитет, доколку воопшто и го имало, на орган кој треба да го расчисти скандалот со незаконското прислушкување и тоа е целосно во спротивност со основната причина поради која е формирано. Социјалистичката партија на Македонија благовремено предупреди на член 106 од Уставот на Република Македонија според кој Јавното обвинителство е единствен и самостоен државен орган кој ги гони сторителите на кривични дела, а за што Уставниот суд треба да се произнесе. Со формирањето на Специјалното јавно обвинителство се воведе паралелизам, затоа што овој орган не е во структуритe, туку е наметнат во обвинителската организација. И покрај сè, и покрај молчењето, Социјалистичката партија на Македонија бара одговорност за Специјалното јавно обвинителство за неговото непрофесионално работење и за донесената правно неиздржана одлука. Социјалистичката партија на Македонија напоменува дека на овој начин уште еднаш Специјалното јавно обвинителство го потврдува очигледниот факт дека претставува обична партиска екпозитура на СДСМ, отворено застанува и дрско ги штити криминалните активности на опозицијата и нејзините челници. Специјалното јавно обвинителство се става над законот и над граѓаните на Република Македонија, носејќи одлуки со кои на директен начин ги ослободува обвинетите. Да ја потсетиме јавноста, целокупната јавност можеше да го види аудио-визуелниот доказ прибавен со користење на посебни истражни мерки од страна на Основното јавно обвинителство, во кој е очигледен обидот за насилно рушење на власта преку дирекна уцена врз тогашниот премиер. Дополнително, видно од електронската скајп комуникација помеѓу дел од обвинетите се гледа јасната намера за реализирањето на овој план смислен од страна на опозицијата и одредени надворешни фактори. На сето ова, доколку го додадеме и признанието на еден од обвинетите и неговото спогодување за намалување на казната затвор со Основното јавно обвинителство, во согласност со законот, како и фактот што истражен судија пред кого се презентирани доказите определил мерка притвор на дел од обвинетите, станува јасно дека Специјалното јавно обвинителство и вистински располага со доволен број на докази за довршување на веќе започнатиот обвинителен акт. Имајќи го сето ова во предвид, Социјалистичката партија на Македонија инсистира низ постојните правосудни институции исклучиво судот да процени дали има основа за кривично гонење или нема. Затоа напоменуваме дека Социјалистичката партија на Македонија бара одговорност за Специјалното јавно обвинителство за донесената неразумна одлука, како што и од Советот на обвинители бара да покрене соодветна постапка за сторено кривично дело злоупотреба на службената положба.

Comments are closed.