Прес конференција 13.04.2016

Социјалистичката партија на Македонија се обраќа до сите гаѓаните на Република Македонија, до македонскиот народ, до Албанците, Србите, Ромите, Власите, Бошњаците и сите останати, без оглед на националната и верската припадност, на политичката и идеолошка определба да се обединат во одбрана и сочувување на својата држава.

Социјалистичката партија на Македонија уште од самиот почеток се обрати до македонските граѓани со јасна порака дека се противи на мешањето на странскиот фактор во наводното решавање на состојби во кои е самиот учесник.

Предупредивме на сите опасности на кои е изложена Република Македонија со нејзиното дестабилизирање и на последиците од тоа, поучени од историските настани кои секогаш биле на штета на македонските национални и државни интереси.

Нагласувавме дека во услови кога сите државни институции функционираа, кога Собранието на Република Македонија редовно работи, Владата и сите министерства ги извршуваат своите обврски и кога судската власт непречено работи дека неможе да се зборува за политичка криза.

Социјалистичката партија на Македонија ја поддржува одлуката на претседателот на Државата со потпишување на општиот акт за амнестија.

Одлуката претставува легитимна, уставна и законска можност и право на институцијата Претседател, кој е должен да ги претставува интересите на сите граѓани и интересите на Република Македонија, како што е должен да биде одговорен за државата во јасната намера да се стави крај на политичката состојба во која се наоѓа Македонија и последиците кои произлегуваат од неа.

Одлуката на Претседателот на државата доаѓа во момент кога се загрозени најсуштествените национални и државни интереси.

Социјалистичката партија на Македонија смета дека е потребно да се спречат деструктивните сили во намерите за создавање на ситуација на анархија, поттикната и предводена од лица без достоинство и чувство за одговорност, охрабрувани од одредени квази професори и таканаречени интелектуалци, политички авантуристи кои е потребно на претстојните избори народот да ги отфрли од политиката.

Не смее да им се дозволи на тие кои што бараа избори да бегаат од изборите, тие кои се повикуваат на демократијата да делуваат недемократски, тие кои се повикуваат на правото да дејствуваат спротивно на тоа да продолжат со активностите, со единствена цел да дојдат на власт нелегитимен и нелегален начин.

Истовремено, наместо грубо мешање во внатрешните работи на суверена, самостојна и независна држава, бараме од меѓународната заедница соработка и на економска и политичка поддршка со отварање на вратите за членство во НАТО и во Европската Унија.

Историјата на Република Македонија се повторува на што и Социјалистичката партија на Македонија и претседателот на државата укажуваат, меѓутоа загрижува фактот што лекциите од историјата поединци воопшто не ги научиле.

Заради историското помнење мудроста која ја има го повикуваме македонскиот народ и граѓаните на единство, ги повикуваме токму нив со својата политичка зрелозт и разум, со љубовта кон Татковината и патриотизмот да ги спречат сите оние кои работат на штета на Република Македонија.

Comments are closed.