СПМ предлага неминовно оддржување на изборите на 24-ти април

Социјалистичката партија на Македонија, како најстара политичка партија основана од 1892 година и непрекинато активна за целиот период, со одговорност и со голема загриженост за состојбите во Државата предлага неминовно одржување на предвремените парламентарни Избори на 24-ти Април, 2016 година од политички, економски, безбедностни и национални причини.

Состојбите се многу сложени, владее голема неодговорност, без чувство за националното достоинство, патриотизам и љубов кон Татковината. Ова е став на сите органи и тела во Социјалистичката партија на Македонија.

Во Собранието на Република Македонија донесен е Изборниот законик во кој, како и во Пржинскиот договор, кој ни е наметнат и го сметаме за непотребен, е дефиниран 24-ти Април како ден за одржување на предвремените парламентарни Избори.

Оттаму, никој друг освен институциите на државата неможе да одлучува за одржување на Изборите.

Став на Социјалистичката партија на Македонија е строго почитување на законите и Уставот, а изборите да се одржат на предвидениот ден.

Како што е познато Социјалистичката партија на Македонија уште во почетокот соопшти дека странците не треба да се мешаат во внатрешните работи на македонската Држава. Времето покажа дека тие, не само што директно се мешаат, туку вршат невиден притисок и делуваат надвор од дипломатските норми, па дури се однесуваат со навреди и омаловажувања кон македонскиот народ, култура и традиција.

Затоа, бараме веднаш да се престане со оваа пракса и оние кои што делуваат надвор од прокламираните норми на однесување веднаш да бидат прогласени за персона нон грата и да бидат протерани од Државата.

Република Македонија е самостојна и независна држава која својата слобода скапо ја има платено за некој да си дозволи да ја навредува.

Социјалистичката партија на Македонија тврди дека се исполнети сите услови за нормално и легално одржување на демократски и веродостојни Избори.

Секое друго условување и тврдење го сметаме за избегнување на превземените обврски и бегање од изборното соочување.

Comments are closed.